Во синоќешниот судир возачот на кумановската итна помош, медицинската сестра и пациентката се здобиле со полесни повреди, додека возачот на другото возило е потешко повреден
Болницата во Куманово во моментов е без возило за транспорт на пациенти откако вчера едно од нив се преврти во сообраќајна несреќа, а преостанатите две се на сервис.
Во меѓувреме болницата ќе позајми амбулантно возило од друго место, изјави за „360 степени“ директорката Снежана Захариева.
Таа вели дека екипата од возилото што се преврти вчера, односно возачот и медицинската сестра се пуштени од болница, додека пациентката која ја транспортирале е на Клиниката за кардиологија при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Сообраќајната незгода се случи синоќа пред полноќ во близина на ЕУ инфо-центарот во Скопје. Амбулантното возило кое превезувало 72-годишна кардиолошка пациентка од Куманово се судри со „фолксваген туран“, со скопски регистарски таблички.
Во несреќата возачот, медицинската сестра и пациентката се здобија со полесни повреди, додека возачот на другото возило е потешко повреден.