Бугарскиот европратеник и известувач за С Македонија во Европскиот парламент очекува до крајот на годинава да се одржи првата меѓувладина конференција и отворените прашања да се решат во билатерален формат
Илхан Ќучук, бугарскиот европратеник и известувач за С Македонија во Европскиот парламент очекува до крајот на годинава да се одржи првата меѓувладина конференција и отворените прашања да се решат во билатерален формат.
„Ако не почнат преговорите, особено со вакво силно германско претседателство, сите ќе бидат губитници“,
вели Ќучук во интервју за Независен.мк, запрашан за коментар за изјавата на европратеникот Андреј Ковачев за можното одложување на почетокот на пристапните преговори за шест месеци.
На прашање како евентуалното бугарско вето би се одразило на односите меѓу двата соседа, тој смета дека Софија нема јасна позиција дека ќе ја блокира С. Македонија.
„Јас не сум слушнал категорично ‘не’, дека ќе има блокада од Бугарија. Од бугарска страна, нема официјална позиција. Има изразено мислење кое, колку што сфаќам, се дискутира од двете страни и има многу интензивен дијалог меѓу министрите за надворешни работи на двете земји. Но, со сигурност ќе има негативно влијание, бидејќи идејата на ЕУ не подразбира приклучување на две држави во неа и така да ги решат историските спорови, туку приклучување на два народа во еден сојуз кој споделува заеднички вредности, демократија, спроведување на законите, слобода. Спротивното е бесмислено, тоа е само аритметичко размножување“,
вели Ќучук.
Според него, не може да се очекува Брисел да се занимава само со Северна Македонија и Бугарија, нагласувајќи го категоричниот став на Европската комисија дека отворените спорови меѓу две држави треба да бидат решени на билатерален начин и тие нема да бидат дел од општиот преговарачки процес.
„Мој став е дека Бугарија и Северна Македонија се две многу блиски држави, кои споделуваат заедничко минато и треба да споделуваат заедничка иднина во ЕУ. И не можеме да очекуваме трета страна арбитер да ги разрешува споровите меѓу нас. Треба да се решат низ дијалог и разбирање“,
вели бугарскиот европратеник.
Генералниот став на бугарските европарламентарци, вели Ќучук, е дека Република Северна Македонија треба да биде членка на ЕУ, и секоја политичка партија има свое разбирање и однесување кон прашањето.
„Мојата цел е да биде подготвен добар извештај и земјата да оди напред. А, тоа не е нешто што се решава од денес за утре. Некои нешта се решаваат, на пример, за пет шест-години, има време. Прво да се донесе одлука, а потоа ќе се движиме напред. А, ако сега кажеме ‘да’ или ‘не’, ги затвораме вратите. Треба да има процес, да има развој“,
вели бугарскиот европратеник.