Поради слабости во чувањето и архивирањето на податоците во матичната евиденција, велат од ДЗР, не може да се потврди веродостојноста и целосноста на податоците кои се потребни за остварување на правата од пензиско инвалидско осигурување. Покрај тоа, ревизорите утврдиле и дека поради недобиени соодветни податоци за вработување и регистрација, граѓани – обврзници не можат да ги остварат своите права за пензиско и инвалидско осигурување во целосен износ
Државните ревизори, исто така, утврдиле дека и покрај зголемите приходи во Фондот во 2021 година во споредба со претходната година тие и понатаму не се доволни за покривање на вкупните расходи, односно за исплата на пензии со придонесот за здравствено осигурување на пензионерите, трансферите до вториот пензиски столб и социјалните бенефиции за инвалидите
Недостиг на стручен и обучен кадар, слабости во чувањето и архивирањето на податоците од матичната евиденција, ненавремено доставени информации од надлежните институции, поради што имало неоснована исплата на пензии, пресметани помали пензии поради грешки во податоците, наплата на налози од извршители, се дел од недостатоците што ги утврдил Државниот завод за ревизија (ДЗР) при проверката на финансиските извештаи на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ФПИО) за 2021 година.

„Со извршената ревизија за 2021 година ревизорите изразија мислење со резерва во однос на вистинитото и објективното прикажување на финансиската состојба и резултатите од финансиските активности, како и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики за 2021 година“,
се наведува во соопштението на ДЗР за наодите од ревизијата во Фондот.
Поради слабостите во чувањето и архивирањето на податоците во матичната евиденција, велат од ДЗР, не може да се потврдат веродостојноста и целосноста на податоците потребни за остварување на правата од пензиско инвалидско осигурување. Покрај тоа, ревизорите утврдиле и дека поради недобиени соодветни податоци за вработување и регистрација, граѓани – обврзници не можат да ги остварат своите права од пензиско и инвалидско осигурување во целосен износ.
Поинаку кажано, поради овие недостатоци, на граѓани им се пресметувале пониски пензии, за што придонеле и грешките при внесот на податоците од страна на други институции.
„Ненавремено доставени информации од надлежните институции за промена на статусот на осигурениците што има за последица неоснована исплата на пензии, за кои се евидентираат побарувања од граѓани и нискиот процент на поврат на повеќе исплатените средства“,
исто така е утврдено од страна на државните ревизори.
Ревизорскиот извештај упатува и на загрижувачки прашања за средства кои неосновано се повлечени од сметката на Фондот од страна на извршители во чии налози за извршување како должници се јавуваат пензионери.
Во извештајот се нотира и зголемувањето на дефицитот во исплатата на пензиите, а констатирани се и неизвесности по работењето на Фондот поврзани со инфлаторните и неповолните демографски движења.
Приходите не ја покриваат исплатата на социјалните бенефиции
Државните ревизори, исто така, утврдиле дека и покрај зголемите приходи во Фондот во 2021 година во споредба со претходната година, тие и понатаму не се доволни за покривање на вкупните расходи, односно за исплата на пензии со придонесот за здравствено осигурување на пензионерите, трансферите до вториот пензиски столб и социјалните бенефиции за инвалидите.
Имено, според податоците, во 2021 година биле остварени приходи во износ од 81,5 милијарди денари. Изворните приходи, т.е. приходите од наплатен придонес за пензиско и инвалидско осигурување во 2021 година се зголемени за 6,38 отсто во однос на претходната 2020 година и изнесуваат 49,3 милијарди денари, што претставува учество од 60,47 отсто од вкупно остварените приходи.

„Оствареното зголемување на приходите во 2021 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за социјални бенефиции кои исто така бележат раст од година во година. Имено, расходите за социјални бенефиции (исплата на пензиските примања заедно со придонесот за здравствено осигурување на пензионерите, трансферите до вториот пензиски столб и инвалиднината) во 2021 година изнесуваат 79 677 493 илјади денари за вкупно 328 570 корисници на пензиски примања односно заклучно со декември 2021 година исплатените средства се за 3,8 отсто повисоки во однос на 2020 година“,
се наведува во извештајот на ДЗР.
Поради дефицит, односно недостиг на пари за исплата на овие расходи за таа година, од буџетот на државата се префрлени средства во висина од 30,5 милијарди денари.
Учеството на овие средства, како што се наведува, во вкупните приходи на Фондот бележат намалување во однос на 2020 година. Нивното учество изнесува 37,5 отсто од вкупните приходи, а од нив 29 отсто биле за покривање на тековниот недостиг за исплата на пензии.

Вработени од секторот за ИТ постојано се одлеваат
Ревизорите констатирале дека во 2021 година продолжиле истите состојби што биле регистрирани претходните години, а се однесуваат на недостигот на стручен и обучен кадар и постојан одлив на вработени од Секторот за информатички технологии (ИТ) во ФПИОМ и внатрешната ревизија што влијае на безмалку на севкупното работење на оваа институција.
„Како резултат на наведеното, се очекува и подолгорочно гледано финансиското работење на Фондот да продолжи да биде оптоварено со тековниот проблем на зголемен дефицит кој се покрива со трансфери од Буџетот на РСМ. Потребно е Фондот да преземе активности во соработка со надлежните институции за обезбедување на: потребните кадровски капацитети за непречено функционирање на единицата за внатрешна ревизија и Секторот за ИТ. Да се преземат активности за развој на актуарски и пензиски предвидувачки капацитети преку координирани активности за носење на законски решенија кои ќе придонесат кон намалување на масата на пари за исплата на расходите за социјални бенефиции како и во делот на утврдување на придонесот од ПИО и целосна наплата на истиот како еден од сегментите за стабилизација на пензискиот систем што ќе има влијание на намалување на учеството на трансферите од Буџетот на РСМ во вкупните приходи на Фондот“,
се наведува во препораките од Државниот ревизор.