Според него, кога ќе почувствуваат дека се загрозени нивните права или се дискриминирани, нема да го чекаат 1 Мај, туку веднаш ќе излезат на протест
Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) нема да учествува на утрешниот протест во организација на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), а по повод 1 Мај, рече денеска нејзиниот претседател Благоја Ралповски.

Според него, во земјава има добар социјален дијалог и организирано синдикално движење, но и дека проблемите секогаш се решаваат на маса, преку дијалог.
„Утре ќе бидам дома со семејството. Сакаме да ги решаваме проблемите низ дијалог. Всушност, секогаш решавањето на проблемите на крајот доаѓа на маса, низ социјален дијалог. Сега сметаме дека имаме добар социјален дијалог и затоа на ваков начин го одбележуваме 1 Мај“,
рече тој.
Според него, кога ќе почувствуваат дека се загрозени нивните права или се дискриминирани, нема да го чекаат 1 Мај, туку веднаш ќе излезат на протест.
„Каде го гледаме добриот социјален дијалог? И без репрезентативни синдикати, на ниво на граѓански синдикати, разговаравме повторно со Владата и имаше подготвеност од нејзина страна на 1 мај да почне повторно и поголемо зголемување на платите во јавниот сектор. Но, сега ќе ги прашате оние што излегуваат утре на протест зошто одбиваат да се согласат и зошто вработените во министерствата, агенциите и управите нема да земат зголемување на платите од 1 мај“,
кажа Ралповски.
Одговорноста за хаосот што настана во одредени институции со неисплаќањето на плати посочи дека треба да се бара во оние што ги водат тие установи.
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, денеска соопшти дека на 1 Мај ќе протестираат за повисоки плати, најавувајќи го утрешниот протестот што ќе се одржи во 11 часот, со маршрута на движење од Работничкиот дом, преку Собранието и Стопанската комора до Владата.
Според него, ССМ на 1 Мај излегува на протест да бара зголемување на минималната плата на најмалку 500 евра, да бара зголемување на сите останати плати за 100 евра, да бара почитување на колективните договори и зголемување на сите платите на работниците.
На денешната прес-конференција обвини и дека дел од синдикатите соработуваат со власта.