„Не може некој да излезе на 15. во месецот и да рече нема плата, нема да се вози, а врши дејност од јавен интерес. За тоа кривично ќе одговара оној кој најави дека Скопје ќе го остави без јавен превоз“, вели Арсовска
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, најави дека ќе поднесе кривични пријави за оние што минатата недела најавија дека ќе го остават Скопје без јавен превоз.
„Пријавата ќе биде за оној кој излезе пред граѓаните да шири страв и нетрпение и тоа на 15. во месецот до кога е и законскиот рок за исплата на плата. Па дури и да не им поделите плата на граѓаните на 15. во месецот, во Македонија, во која три месеци, шест месеци, па и една година на луѓето плати не им се исплаќаат, во стечај одат и никој не протестира надвор. Овој, на дејност од јавен интерес, каде цел град се парализира, излегува и тера политичка агенда и кажува дека точно на 15 февруари во 14 часот не ја видел на сметка својата плата, и ќе го прекинел јавниот превоз“,
рече Арсовска одговарајќи на новинарско прашање по денешната прес-конференција за новиот Детален урбанистички план во Општина Ѓорче Петров.
Арсовска рече дека никој нема право спротивно на законот да сее страв и нетрпеливост во градот Скопје, или барем никој, како што рече, каде што јас имам можност согласно владеењето на правото да го спречам.
„Тој ако сакал да го искористи своето право да протестира, си постои закон за истото, треба да си го најави тоа кај својот работодавач, треба како синдикат да седне да преговара со својот работодавач и доколку не успеат да се договорат, да влезе во процес во кој ќе овозможи работниот процес, затоа што е дејност од јавен интерес, да се тера согласно закон без да биде попречен. А, тој што сака, може да протестира. Има начин и закон за ова. Јас да се огрешам пред законот од овде веднаш ќе ме носат во ‘Идризово’. Ама не. Овој бил претседател на Синдикат и може да крши закон како ќе му ќефне. Извинете, ама не може“,
додаде Арсовска.
Синдикатите во ЈСП, минататата недела во четврток попладне, најавија прекин на јавниот градски превоз за утредента поради неисплатена плата за јануари. Автобусите не возеа од 4.30 до 6.30 часот кога, како што објаснија, им било јавено од директорот дека ќе им биде исплатена платата.
Претседателот на Синдикатот на ЈСП, Миќо Стојановски, рече дека недоразбирањата околу исплатата на јануарската плата за вработените во претпријатието се надминати и изрази надеж оти со ова ќе завршат сите недоразбирања и дека граѓаните, како што рече, нема веќе да се занимваат со вработените на ЈСП „Скопје“, нивните работни обврски и плати.