Тројцата членови на Комисијата за јавни набавки при Општина Неготино, меѓу кои и претседателот на Комисијата, без да добијат согласност од Советот за јавни набавки, распишале оглас за рационализација и унапредување на јавна водоснабдителна мрежа на подрачје на Општината. Ексградоначалникот на Општината, пак, иако имал обврска да увиди дека постапката е незаконска, тој донел одлука за избор на најповолен понудувач, притоа и самиот прекршувајќи го законот
До Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска е поднесена кривична пријава против поранешен градоначалник на Општина Неготино со иницијали В.А. (59) и уште тројца вработени во општината за кои постои сомнение дека ја злоупотребиле службена положба и овластување.
Конкретната злоупотреба за која информира Министерството за внатрешни работи (МВР), се наведува дека е сторена во 2014 година откако З.Л. (41) во својство на претседател на Комисијата за спроведување јавни набавки при Општина Неготино постапил спротивно на Законот за јавни набавки заедно со Ѓ.Т. (37) и И.З. (40) кои биле членови на истата Комисија. Без да добијат согласност од Советот за јавни набавки, тие распишале оглас за рационализација и унапредување на јавна водоснабдителна мрежа на подрачје на Општината.
„Пријавените во огласот за набавки предвиделе критериуми и технологија која упатува на конкретно производство, наведувајќи критериуми кои дискриминираат и ја ограничуваат конкуренцијата и го објавиле без да бидат точно наведени кои позиции и што ќе се изведува. На овој начин, тројцата спротивно на законот, спровеле постапка за јавна набавка и изготвиле извештај во кој дале предлог за најповолна понуда да се одбере конкретна понуда од група понудувачи“,
стои во соопштението од МВР.
Ексградоначалникот на Општина Неготино, пак, иако бил должен да донесе посебна одлука за изработка на основен проект врз основа на кој ќе се распише набавка за изведба, и иако имал обврска да увиди дека постапката е незаконска, тој донел одлука за избор на најповолен понудувач, притоа и самиот прекршувајќи го законот.
„Потоа В.А. во име на Општина Неготино со група понудувачи на 29.08.2014 година склучил договор за проектирање и изведба на работи за рационализација и унапредување на јавниот водоснабдителен систем во Општина Неготино со вкупна вредност на договорот од 21 237 740 денари или 345 330 евра“,
се додава во соопштението на МВР.
Со ваквото постапување, кое е спротивно на службените овластувања што ги имале, од МВР посочуваат дека четворицата вработени во Општината го сториле делото злоупотреба на службена положба и овластување со што им овозможиле на правни лица да се стекнат со противправна имотна корист во вкупен износ од 21 237 740 денари.