Инцидентот се случил на 19 април 2026 година околу 3 часот по полноќ, кога полициските службеници, при извршување службени дејствија, употребиле прекумерна физичка сила и му нанеле повреди на лице лишено од слобода
Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека е поднесена кривична пријава против двајца полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје, поради сомнение дека употребиле прекумерна физичка сила врз приведено лице.

Како што информираат од МВР, станува збор за полициските службеници Д. С. и М. С., против кои Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднел кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) за кривично дело малтретирање во вршење на службата.
„Инцидентот се случил на 19 април 2026 година околу 3 часот по полноќ, кога полициските службеници, при извршување службени дејствија, употребиле прекумерна физичка сила и му нанеле повреди на лице лишено од слобода“,
се вели во полициското соопштение.
Против двајцата полицајци ќе биде поднесен и предлог за поведување постапка за утврдување одговорност поради кршење на работната дисциплина.
