Делот од тахографот на автобусот, пронајден речиси 24 часа по несреќата, е парче од куќиштето и дел од лентата за снимање, но нема податоци за брзината со која се движел, вели обвинителот што го води случајот
Против возачот на романскиот автобус што вчера имаше сообраќајна несреќа на патот Велико Трново – Русе е поднесена кривична пријава. Нему му е одреден притвор од 72 часа и утре ќе биде поднесено барање за траен притвор до судот во Трново, пренесуваат бугарските медиуми.

„Во оваа фаза се собрани доволно докази и против возачот турски државјанин е поднесена кривична пријава за предизвикување смрт од невнимание како последица на прекршување на сообраќајните правила како возач на моторно возило. Со оглед на тоа дека е странски државјанин и дека од земја која не е членка на ЕУ, постои опасност да се сокрие и да не може да се обезбеди за судење, а за сериозниот резултат на кривичното дело, ќе побараме од судот да изрече мерка „притвор“ за него“,
изјави обвинителот Илијан Благоев, не прецизирајќи кои дејствија доведоа до трагедијата.
Според обвинителот делот од тахографот на автобусот, пронајден речиси 24 часа по несреќата, е парче од куќиштето и дел од лентата за снимање, но нема податоци за брзината со која се движел.
„Ќе се истражува, но тоа не е нешто што содржи видливи информации“,
додаде обвинителот.
Истражителката Бранимира Вергова од НСС прецизираше дека е пронајдено „нешто“, но што е и за кој дел од апаратот се работи допрва ќе се знае откако вештаците ќе го дадат својот заклучок.
Според истражителите, состојбата на патот не била причина за трагедијата, во која загинаа четири лица – две жени и двајца мажи, а уште осум се повредени.
Вториот возач на автобусот, исто така Турчин, е ослободен откако беше задржан во полициски притвор 24 часа.