Судот смета дека постои опасност од бегство и можност осомничените да го повторат кривичното дело
Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за определување мерка притвор против три лица, поврзани со настаните од 5 – ти јули пред Собранитето на РСМ и од 6 – ти јули кај плоштадот Скендер Бег, судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, по прозинесување на осомничените во присуство на бранител, донесе решенија со кои го прифати предлогот на обвинителот и на трите лица им определи мерка притвор во траење од 8 дена, согласно предлогот за водење истрага во скратена постапка, соопштија од Кривичниот суд.
Судот смета дека постои опасност од бегство и можност осомничените да го повторат кривичното дело. Против овие неправосилни решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на овој суд.
ОЈО вчера соопшти дека постапувајќи по поднесена кривична пријава, поведе постапка против 40-годишен скопјанец за кого постои основано сомневање дека сторил кривично дело – Предизвикување општа опасност по член 288 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Се работи за лицето кое на 6 јули, на платото пред плоштадот „Скендер Бег“, со пиштол кој го поседувал со дозвола, предизвикал значителна опасност за животот или телото на луѓето. За време на движењето на група граѓани кои учествувале на јавен собир, тој забележал како дел од граѓаните фрлаат камења, по што се упатил кон нив и во два наврати испукал по два куршума во воздух.
За две други лица, пак, Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка за кривично дело – Учество во толпа што ќе изврши кривично дело од член 385 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Првиот од нив, на возраст од 18 години, е осомничен дека на 5 јули, за време на протестите пред објектот на Собранието, учествувал во толпа која сторила кривично дело – насилство, така што подготвил „молотов коктел“ во стаклено шише кое го наполнил со бензин, му ставил парче ткаенина и го запалил. Шишето го дал на друг учесник во толпата, кој го фрлил кон поставениот кордон од полициските службеници за обезбедување на јавниот ред и мир пред зградата на Собранието.
Третиот е скопјанец нa возраст од 22 години, кој за време на протестите пред Собранието на 6 јули, исто така учествувал во толпа која сторила кривично дело – насилство, така што од својот ранец извадил камења и запалки, со кои во неколку наврати фрлал кон зградата на Собранието и кон кордонот од полициски службеници. Притоа бил повреден еден полициски службеник.