Барањата на одбраната на Катица Јанева во „Рекет“ за одложување на рочиштата ги сметаме единствено како начин на одолговлекување на судскиот процес, сметаат од Основниот кривичен суд во Скопје.
Ваквата реакција од судот следува откако се одложи денешното рочиште бидејќи одбраната испратила барање за одложување во актуелната ситуација со коронавирусот. Во барањето на бранителите биле наведени три причини, едната е што адвокатката Ирена Фрчкоска ја користи мерката на Владата со која еден родител на дете помало од 10 години се ослободува од работни обврски, втората е дека адвокатот Дељо Кадиев има здравствени проблеми, а третата е дека обвинетата Катица Јанева има хронични болести.
Од судот предупредуваат дека ако адвокатите не можат да присуствуваат и не назначат заменски бранители, тогаш на Катица Јанева ќе ѝ одредат адвокат по службена должност.
„Судот ја задолжи одбраната да се однесува одговорно спрема судот и доследно да ги почитува правата на обвинетите во постапката и денешната расправа ја одложи за веќе закажаниот термин 26 март до кога адвокатката Ирена Фрчкоска е должна да ги организира семејните обврски како би можела да присуствува на судењето. Доколку адвокатите и понатаму се спречени да присуствуваат на идните расправи да обезбедат свои заменски бранители бидејќи во спротивно судот на обвинетата ќе и назначи бранител по службена должност“
велат од судот.
Оттаму потенцираат дека случајот „Рекет“, согласно одлуката на Судскиот совет, е итен бидејќи во него има мерки притвор. Исто така, потенцираат и дека во судската зграда се преземаат сите препораки на властите на СЗО за заштита од коронавирусот, па така, судниците редовно се дезинфицираат, задолжително се носат маски и ракавици и во нив има доволно простор за да се држи потребното растојание.