Од Судот информираат дека на денешната јавна седница, одржана по барање на одбраната на осомничениот, е потврдено судското решение од пред два дена со кое на Георгиев му се определува мерка од 30-дневен притвор
Основниот кривичен суд Скопје ја одби како неоснована жалбата на одбраната на врховниот судија Наке Георгиев против одлуката за негов притвор донесена на 21 мај. Од Судот дополнително информираат дека на денешната јавна седница, одржана по барање на одбраната на осомничениот, е потврдено судското решение од пред два дена со кое на Георгиев му се определува мерка од 30-дневен притвор.

„Денеска, по барање на одбраната на осомничениот се одржа јавна седница на која по произнесување на одбраната и обвинителот во однос на наводите во предлогот за определување мерка притвор донесе решение со кое жалбата на одбраната се одбива како неоснована и се потврдува решението на судија на претходна постапка со кое му се определува мерка притвор во траење од 30 дена, заради постоење на основите од чл. 165 ст. 1 т. 2 и 3 од Закон за кривична постапка“,
се вели во соопштението од Основниот кривичен суд Скопје.
Одлуката е донесена од страна на Кривичниот совет од Одделението за гонење организиран криминал и корупција при скопскиот кривичен суд. Против решението странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд.
Пред два дена, на предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), судија на претходна постапка од Кривичниот суд Скопје одреди мерка од 30-дневен притвор за врховниот судија Наке Георгиев кој е осомничен за примање награда за противзаконито влијание.