Вишиот обвинител Вели на денешната седница во Апелација посочи и дека за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, застарело едно од делата за кои се гонеше. Тоа се случи уште пред околу една година, набргу по изрекување на првостепената пресуда на 26 февруари 2021 година, па обвинителот денеска само го констатира тоа
Основниот кривичен суд во Скопје донел јасна одлука во предметот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува на масовното прислушување и уништувањето на опрема од УБК, смета вишиот јавен обвинител Елвин Вели кој денеска на јавна седница во Апелацискиот суд во Скопје побара да се отфрлат жалбите на обвинетите.
Во своето излагање обвинителот рече дека жалбите се неосновани во делот каде што обвинетите се повикуваат на помилувањето од експретседателот Ѓорге Иванов, како и во делот каде што се тврди дека јавните обвинители од СЈО, кои продолжија да го застапуваат предметот кој по згаснувањето на ова обвинителство премина во редовните обвинителства, се неовластени тужители.
„Жалбите дека има неоснован тужител се неосновани, јавните обвинители добиле писмено овластување од обвинителот”,
рече Вели.
Вишиот обвинител посочи и дека фактичката состојба е јасно утврдена и дека дејствијата на секој од обвинетите за масовното прислушување и уништување опрема прават низа која води до кривичните дела за кои се гонат.
Инаку, обвинителот Вели на денешната седница во Апелација посочи и дека за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, застарело едно од делата за кои се гонеше. Тоа се случи уште пред една година, набргу по изрекување на првостепената пресуда на 26 февруари 2021 година, па обвинителот денеска само го констатира тоа.
Станува збор за делото примање награда за противзаконито влијание, за кое Мијалков беше осуден на 3 години затвор. Покрај за ова, тој се гони и за две други дела: злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластување. За овие две дела Мијалков со првостепената пресуда доби по 5 години затвор. Поединечните казни за сите три дела, Основниот кривичен суд лани ги пресмета во единствена затворска казна од 12 години. Меѓутоа, со оглед на застарувањето на едното дело, во случај Апелација да ја потврди казната, тоа дело нема да биде опфатено.
По обвинителот, своите жалби на денешната седница ќе ги искажат и адвокатите и обвинетите.
„Таргет-Тврдина“, како еден од своите најважни предмети, СЈО го отвори како две оддели истраги. На 29 март 2016 година прво беше отворена истрага „Тврдина“ за уништување на системите за следење на комуникациите во УБК, а на 17 ноември истата година беше отворена отвори и истрагата со кодно име „Таргет“ за масовното прислушување. Поради нивната поврзаност, кога поднесе обвинение, СЈО ги спои двата предмета во еден.
Во обвинението, СЈО посочи дека директно и индиректно со прислушувањето биле опфатени околу 20 000 граѓани. Незаконски биле следени 4 286 телефонски броја за кои воопшто не биле издадени судски наредби. На други 1 541 број, пак, комуникацијата била следена и пред и по завршување на траењето на важноста на судските наредби. Или вкупно биле следени 5 827 телефонски броја. По згаснувањето на СЈО, во септември 2019 година овој, како и сите други предмети, премина во надлежност на редовните обвинителства.