Апелацискиот суд Штип од осум разгледани жалби, како што се наведува, седум од нив ги одбил како неосновани и ги потврдил одлуките на кочанскиот Основен суд
Поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши опстанува во притвор, а ексградоначалниците на Кочани, Николчо Илијев и Ратко Димитровски, во куќен притвор, одлучи Апелацискиот суд во Штип.

Оттаму попладнево преку писмено соопштение информираа за дел од одлуките по жалбите на осомничените во истрагата на Основното јавно обвинителство Кочани за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во кој загинаа 62 лица, а речиси 200 беа повредени.
Апелацискиот суд од осум разгледани жалби, како што се наведува, седум од нив ги одбил како неосновани и ги потврдил одлуките на кочанскиот основен суд.
Во притвор, како што може да се види од објавените иницијали на осомничените, останува и поранешната државна секретарка во Министерството за економија, Размена Чекиќ Дуровиќ, која ставила потпис на втората лиценца за вршење на угостителска дејност на т.н. кабаре.
„Жалбата на К.Б е одбиена како неоснована, а првостепеното решение на Основен суд Кочани Кс-57/25, со кое е продолжена определената мерката притвор е потврдено. Ксж-62/25 – жалбата на Н.И. е одбиена како неоснована, а првостепеното решение на Основен суд Кочани Кс-72/25, со кое е продолжена определената мерката куќен притвор е потврдено. Ксж-63/25 – жалбата на Р. Ч. Д. е одбиена како неоснована, а првостепеното решение на Основен суд Кочани Кс-53/25, со кое е продолжена определената мерката притвор е потврдено“,
се наведува во соопштението на Апелацискиот суд Штип.
Единствено е уважена жалбата на обвинетиот Е.М. и првостепеното решение за притвор е преиначено и заменето со мерка куќен притвор, заедно со дополнителни мерки на претпазливост.
Штипската Апелација вчера соопшти дека постапуваат по 17 жалби за изречени мерки притвор, куќен притвор и мерки на претпазливост поднесени од лица опфатени со истрагата за пожарот. Три жалби пристигнале во петокот, а а вчера во второстепениот суд стигнале уште 14 жалби.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани што се случи рано изутрина на 16 март, животот го загубија 62 лица, а со повреди се здобија околу двесте.
За трагедијата, која ја потресе целата држава истрага се води против 68 физички и три правни лица, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски минатата недела.

Јавното обвинителство денеска упати повик до сите кои имаат какви било информации и докази во врска со работата на т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани да ги споделат со истрагата.
Информациите, како што соопштија оттаму, можат да се однесуваат на лични сведоштва за настанот, информации и докази за работата на клубот и поврзаните фирми, како и сознанија во врска со работата на институциите надлежни да постапуваат.
Повикот е упатен поради законските рокови и потребата од ефикасност на постапката.
За отворениот повик биле информирани и семејствата на загинатите во трагедијата во Кочани, кои денеска дојдоа на протест во Скопје за да бараат одговори од надлежните за трагедијата во која загинаа нивните најмили.
Протестот почна пред зградата на Јавното обвинителство, а претставници на семејствата на загинатите се сретнаа со републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски и тимот обвинители кои постапуваат во предметот.
Како што соопштија од Обвинителството, тие ги информирале за досегашниот тек на истрагата и ги увериле семејствата дека станува збор за сеопфатна постапка.