Кремљ денеска соопшти дека се лажни и параноични наводите на американските разузнавачки служби дека Русија планира да се меша во американската предизборна кампања во 2020 година и дека се обидува да ги зголеми шансите за реизбор на Доналд Трамп за што вчера пишуваше весникот „Њујорк тајмс“ .
„Ова се параноични најави кои, за жал, рапидно ќе се зголемуваат како ќе се приближуваат американските избори. Тие немаат врска со вистината“,
изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесуваат британските медиуми.
Американски разузнавачки претставници минатата недела на затворена седница на Комитетот за разузнавање кажале дека Русија се меша во изборната кампања во 2020 година со цел да се фрли сомнеж врз интегритетот на гласањето и да му се даде поддршка на повторниот избор на актуелниот претседател Доналд Трамп, изјави денеска извор запознат со случајот.
Изворот, кој инсистирал да остане анонимен, пред сè поради чувствителноста на прашањето, навел дека републиканците во Комитетот за разузнавање во Претставничкиот дом, кој е под контрола на демократите, ја довеле под прашање проценката на официјалните претставници на Канцеларијата на Националната разузнавачка служба.
Целата приказна за овој случај вчера во јавноста ја изнесе весникот „Њујорк тајмс“ повикувајќи се на пет различни извори.