Британската кралица Елизабета (93) денеска им порача на Британците дека таа и кралското семејство се подготвени да ја одиграат нивната улога и да го дадат својот придонес во борбата против ширењето на коронавирусот, но им испрати и порака дека ќе мора да го сменат начинот на комуникација за да се заштитат.
„Многумина од нас ќе мора да најдат нови начини да останат во контакт едни со други и да се осигурат дека нашите најблиски се безбедни. Сигурна сум дека сме дораснати на овој предизвик“, рече кралицата во обраќање кон нацијата.
Таа ги повтори советите дека ќе треба да се сменат нормалните рутини и вообичаениот начин на живот за поголемо добро на заедниците и за заштита на најранливите.
Кралицата им се заблагодари на научниците, медицинските работници и јавните служби.
„Но сега повеќе од кога било во нашата понова историја, сите ние имаме важна улога да играме како поединци – денес и во наредните денови, недели и месеци“, рече британската кралица Елизабета.