Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК), предводени од Саудиска Арабија и партнерите во ОПЕК+, предводени од Русија, постигнаа договор со кој членките на овие организации ќе го намалат производството на „црното злато“ за околу 20% од сегашното. Намалувањето со тој интензитет ќе трае до крајот на јуни, со цел да се крене цената на нафтата, а производството потоа ограничено ќе се зголемува се до април 2022 година, до кога трае постигнатиот договор за контролирано производство. Како последица на договорот, се очекува вкупното светско производство на нафта да се намали за околу 15%.
Преговорите одеа исклучително тешко поради судирот меѓу Русија и Саудиска Арабија, откако тие не успеаја да се договорат за намалување на производството во март. Пред тие мартовски преговори и Русија и Саудиска Арабија го зголемија домашното производство, со цел да го задржат пазарниот удел што го имаа дотогаш. Речиси во исто време се случи и кризата со коронавирусот, поради што опадна и побарувачката на нафта. Резултатот од двата процеса беше остар пад на цената на нафтата до најниско ниво во последните 18 години, што пак значеше најевтин бензин и дизел-гориво на бензиските пумпи и во земјава.
*поврзана вест Најлошиот ден на берзите од 2008 година и зошто е важно
Цената на нафтата веќе благо порасна на светските берзи поради очекувањата дека конечно ќе биде постигнат договор, меѓу другото и по изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека очекува Русија и Саудиска Арабија да постигнат договор. Првиот човек на САД имаше и свој удел во спорот, бидејќи неодамна и се закани со санкции на Саудиска Арабија ако не го намали производството на нафта.
Бидејќи не е членка на двата картела, САД не се обврзани да го намалат своето домашно производство на нафта, но земјата, за разлика од Русија и од Саудиска Арабија, веќе го стори тоа. Причината е што значителен дел од нафтата САД ја произведуваат од т.н. шкрилци, што е многу поскап процес, кој не е економски исплатлив кога цената на нафтата е ниска.