Осврнувајќи се подетално на прашањето со Бугарија и уставните измени, лидерот на СДСМ рече дека билатералните прашања со која било земја членка на Европската Унија не се никако дел од нашата Преговарачка рамка со ЕУ усвоена во јули 2022 година, и тоа, како што рече Филипче, граѓаните мора да го знаат
Дали Македонија ќе ги продолжи преговорите за членство во Европската Унија зависи од власта, а таа очигледно тоа не го сака, изјави денеска лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија, Венко Филипче.

Тој ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање дали по последните изјави на шефицата на бугарската дипломатија, Велислава Петрова-Чамова и понатаму смета дека уставните измени ќе бидат последно прашање што ќе биде или е поставено од официјална Софија и од Брисел и дека после тоа навистина ќе ги продолжиме и завршиме преговорите и ќе станеме членка на Европската Унија.
„Дали ќе ги продолжиме преговорите зависи од власта. Оваа власта очигледно не сака, ги плаши граѓаните дека е загрозен јазикот, идентитетот и не знам која друга идентитетска одредница на македонскиот народ со цел да не се направи чекорот кој што не носи никаков ризик, а тоа се уставните измени“,
рече Филипче пред почетокот на изборниот конгрес на коалицискиот партнер НСДП.
Осврнувајќи се подетално на прашањето со Бугарија и уставните измени, лидерот на СДСМ рече дека билатералните прашања со која било земја членка на Европската Унија не се никако дел од нашата Преговарачка рамка со ЕУ усвоена во јули 2022 година, и тоа, како што рече Филипче, граѓаните мора да го знаат.
„Билатералните прашања се решаваат билатерално и никако не може да влијаат и да го запрат европскиот пат, односно отворањето и затворањето на кластерите, така како што поминала секоја една земја што се прикчучила на Европската Унија“,
изјави Филипче.
Ставот на власта дека уставните измени не се единственото и последно барање на Софија, лидерот на СДСМ ги оцени како уште една лага и манипулација, обвинувајќи дека на тој начин од ВМРО-ДПМНЕ сакаат, како што рече, да глумат патриоти, додека истовремено со своите политики ги загрозуваат националните интереси и иднината на земјата.
„Ова е само уште една лага и манипулација на оваа власт, затоа што сакаат, како и во очи изборите 2024 година да глумат патриоти, дека тие се на браникот на одбраната на националните интереси на државата, што не е вистин, поради тоа што со тоа не се продолжува европскиот пат, оваа власт на чело со Христијан Мицкоски ги загрозува националните интереси и иднината на земјата“,
рече Филипче.
Од ВМРО-ДПМНЕ и денеска го обвинија лидерот на СДСМ дека Венко Филипче дека, исто како и експремиерот и поранешен лидер на партијата Зоран Заев, се обидува да ги убеди граѓаните дека уставните измени без гаранции се прифатливи и дека нема причина за загриженост.

„Филипче нема прецизни ставови за тоа како би се спречиле идни блокади и вета, ниту како би се обезбедила сигурност дека државата нема повторно да се соочи со нови блокади. Уставните измени за промена на името беа последните што ги спроведоа СДС и ДУИ, а денес Филипче се обидува да го наметне истото сценариот“,
велат од владејачката партија.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера одговарајќи на новинарски прашања во врска со позициите на Софија и последните изјави што доаѓаат од официјални претставници на Бугарија во врска со спорот меѓу двете земји поврзани со евроинтеграциите на Македонија, рече дека го загрижува почетокот на новата влада кај нашиот источен сосед, но се надева дека со текот на времето рациото и разумот ќе преовладеат.
Говорејќи на темата, тој посочи дека добрососедските односи се двонасочна улица, притоа наведувајќи дека „не можете да танцувате сами – или танцувате со партнер или немате партнер. Тој додаде оти е свесен дека Бугарија се соочува со многу внатрешни проблеми, поради кои, како што кажа, можеби сега бараат нова тема.
Неговата изјава беше коментар на наводите на шефицата на бугарската дипломатија Велислава Петрова – Чамова, која ден претходно рече дека властите во Северна Македонија треба да го искористат моменталниот „отворен прозорец“ за проширување на Европската Унија, наместо да ги ескалираат тензиите со Софија, додавајќи дека Бугарија нема да се повлече од договореното во 2022 година.
