Според последните податоци, во светот со новиот коронавирус досега се заразени 19 757 105 лица. Од нив починале 727 940, а оздравеле 12 667 754 луѓе.
Во регионот, состојбата сè уште не се смирува. Во Црна Гора потврдени се 39 нови случаи на коронавирус во последните 24 часа, врз основа на 326 тестирани примероци, а едно лице починало, објави Институтот за јавно здравје. Повеќето од новозаразените се од Подгорица (22), пренесува Вијести. Вкупниот број активни случаи во Црна Гора во моментов е 1 119. Институтот соопшти дека вкупниот број смртни случаи од почетокот на годината е 62, а вкупниот број регистрирани случаи на инфекција со новиот коронавирус е 3 588.
Во последните 24 часа во Хрватска се потврдени 77 нови случаи на коронавирус, а две лица починаа, соопшти денеска Националниот штаб за цивилна заштита. Во моментов има 569 активни случаи во таа земја. Во болниците има 120 пациенти, од кои осум се на респиратор. Од почетокот на епидемијата, во Хрватска се заразени 5 543 лица, од кои 157 починале. До денеска, тестирани се вкупно 127 405 лица, од кои 995 во последните 24 часа.
Во Босна и Херцеговина, во последните 24 часа, вирусот е потврден кај 398 лица, од 2 151 анализирани примероци. Во Федерацијата на БиХ има 326 нови случаи и 72 во Република Српска. Во изминатите 24 часа, шест смртни случаи од коронавирус биле пријавени во Институтот за јавно здравје на Федерацијата на БиХ, а вкупно 196 лица починале од почетокот на пандемијата.
Во Словенија во последните 24 часа се потврдени 14 нови случаи на коронавирус, а едно лице почина. Во моментов има 181 активни случаи. Од почетокот на епидемијата во таа земја, заразени се вкупно 2 247 лица, од кои 126 починале.