Наместо две недели, како досега, ковид-позитивните лица во Албанија во изолација ќе остануваат само пет дена, објави албанската министерка за здравство и социјална заштита Огерта Манастирлиу
Од денеска заразените со ковид-19 во Албанија наместо две недели, како досега, во изолација ќе остануваат само пет дена, објави албанската министерка за здравство и социјална заштита Огерта Манастирлиу.
Таа додаде дека Техничкиот комитет на експерти за справување со пандемијата одлучил да го намали времето за изолација и препорачал третата доза на вакцината да се даде пет месеци по втората доза.
„На состанокот на Техничкиот комитет на експерти за процена на епидемиолошката состојба, процена на напредокот на програмата за вакцинација и мерките против ковид, одлучено е, исто така, да се намали периодот на вакцинација со трета засилувачка доза, од сегашните шест месеци, на пет месеци по втората доза. Останатите мерки ќе бидат разгледани набрзо и какви измени ќе има зависи од текот на епидемиолошката состојба“,
нагласи албанската министерка.
Тоа значи дека и понатаму во сила е полицискиот час, воведен во ноември 2020 година, кој трае од 23 до шест часот.
Според Манастирлиу, од почетокот на пандемијата досега направени се 1 732 633 теста, вирусот е потврден кај 270 734 граѓани, закрепнале 263 518, починале 3 453 лица, додека моментално активни случаи на болеста се 3 763. Од средната на јануари минатата година, кога почна имунизацијата, аплицирани се 2,68 милиони дози вакцини.