Почнувајќи од првиот дијагностициран случај со ковид-19 до денеска во земјава има излекувано вкупно 852 лица. Засега, имаме 572 активни случаи дијагностицирани со ковид-19, а починаа вкупно 82 лица. Во шест градови, во Дебар, Радовиш, Гевгелија, Струмица, Пробиштип и Демир Хисар нема повеќе активни случаи со коронавирус. Од извршени 16.997 беа потврдени 1.506 позитивни случаи на ковид-19.
Вчера, Институтот за јавно здравје регистрираше четириесет и пет оздравени, еден починат и 15 нови случаи на ковид-19.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби вчера за прв пат од почетокот на епидемијата, во 24 часа, нема прием на нови пациенти, позитивни или сомнителни на ковид-19.

Во текот на изминатите денови се регистираат повеќе оздравени лица, отколку нови случаи на заболени со коронавирус.
„Од почетокот на епидемијата, во Дебар беше регистриран 51 случај, досега четири лица починаа, а 47 се оздравени. Во Радовиш и Гевгелија беа регистрирани по четири случаи, во Струмица два, во Пробиштип два, а во Демир Хисар еден позитивен случај на коронавирусот. Во овие градови не се регистрирани смртни случаи од ковид-19, а сите евидентирани ковид-позитивни се оздравени“,
наведоа од Министерството за здравство.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера во интервју за Телма посочи дека се што се предложило од Министерството и Владата, сите мерки биле димензионирани на прво место да биде здравјето на граѓаните. Во таа смисла, истиот терк на работа ќе продолжи и понатаму.
Нагласи дека и идните предлози ќе бидат носени врз основа на стручни аргументи, анализа на бројот на пациенти, на новодијагностицирани, на бројот на пациенти кои ги има во болниците и на домашно лекување.
Според него, мерките се добро димензионирани за што показател е тоа што сега секој ден има се помалку дијагностицирани пациенти, се помалку пациенти кои се лекуваат и повеќе излекувани отколку активни случаи.
„Тоа значи дека мерките беа добро димензионирани и добро испланирани, кои се темелеа на медицински аргументи, на епидемиолошката наука. Врз основа на ова, предлозите ќе продолжат да се даваат и понатаму“,
порача Филипче.