СЗО испрати експерти во Кина со цел да постигнат договор за спроведување истрага за ширење на коронавирусот
Во САД во последните 24 часа се пријавени нови 56 100 случаи на заразени со коронавирус, со што вкупниот број од почетокот на пандемијата е 3 361 042 лица, соопшти Универзитетот „Џонс Хопкинс“.
Од ковид-19 во САД во последното деноноќие починале 377 лица, а вкупниот број на смртни случаи сега изнесува 135 582.
Според податоците на интернет-страницата „Ворлдометерс“ бројот на заразени во светот досега е 13 248 956, додека 575 841 досега починале.
САД се на врвот на листата во светот по бројот на заразени од ковид-19, пред Бразил и Русија.
Загрижувачки податоци стигнуваат од Индија каде во последните четири дена се регистрирани повеќе од 100 000 новозаразени.
Според тамошното Министерството за здравство, во последните 24 часа во земјата се регистрирани 28 498 нови случаи и 553 починати.
Од почетокот на пандемијата, во Индија има 906 752 заразени, 23 727 лица починале, а 571 000 се оздравеле.
Во земјата досега се извршени повеќе од 12 милиони тестови.
СЗО испрати експерти во Кина
Кинеските власти соопштија дека бројот на лица што се лекуваат од ковид-19 се намали на 297, со само три нови случаи, сите увезени од странство, а во последните 24 часа нема нови смртни случаи.
Уште 115 лица се во изолација и се под медицински надзор поради сомневање дека се заразени со вирусот корона или се асимптоматски.
Кинеските власти асимптоматските случаи не ги ставаат во официјалната бројка на заразени.
Од почетокот на пандемијата, во Кина вирусот е потврден кај 83 605 лица, а 4 634 пациенти починале.
Експерти од Светската здравствена организација вчера допатуваа во земјата со цел да постигнат договор за спроведување истрага за ширење на коронавирусот, кој првпат се појави во кинескиот град Вухан на крајот на минатата година.