На Балканот, каде што има повеќе од 40 милиони жители, досега се регистрирани пет заразени со новиот коронавирус – тројца во Хрватска и по еден во Грција и во нашата држава.
Филипче: Заразената пациентка е добро, другите патници се познати и од вечерва ќе бидат во изолација
Бројот на заразени во Хрватска, каде што беше регистриран првиот заболен од коронавирус во регионот, се зголеми на тројца. Се работи за двајца браќа близнаци и уште едно лице кое работело во Парма во Италија. Мажот е сместен во болница во Ријека.
38-годишната жена во Солун, која е првиот случај на Ковид-19 во Грција, исто така неодамна патувала во Италија. Здравствените власти соопштија дека нејзината состојба е добра.
Србија, Бугарија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Словенија засега имаат само сомнителни случаи, но не и потврдени. Во овие земји се преземаат зголемени мерки на надзор на патниците, особено на оние од проблематичните области.
Српските власти на граничните премини воведоа зголемен надзор над патниците, како и на сите српски државјани кои се враќаат од Кина и Италија.
Во Црна Гора вкупно 184 лица во моментов се наоѓаат под здравствено-санитарен надзор поради актуелниот коронавирус. Пред Клиниката за инфективни во Подгорица поставени се шатори, но црногорските здравствени власти потенцираат дека тие се поставени превентивно и оти нема место за паника.
Во Бугарија, исто така, официјално нема заразени со новиот коронавирус. Се прават анализи на маж во Велинград кој се вратил од Рим на 23 февруари. Властите наредија и анализи на жена која починала во Димитровград од пневмонија и која се вратила од Британија. На граничниот пункт Капитан Андреево се мери температура на патници кои минале низ Италија, Тајван и Хонгконг.
Словенија досега не потврдила ниту еден случај на инфекција со новиот коронавирус, но министерот за здравство Алеш Шабедер рече дека можеби е прашање на време кога ќе се случи тоа поради тоа што сите соседни земји веќе пријавија вакви случаи.
Досега единствените Словенци што се позитивни на вирусот е брачна двојка која се заразила на крузерот „Дајмонд принцес“ вкотвен во Јокохама. Двојката е примена во болница во Јапонија.
Коронавирусот досега е проширен во 40 земји во светот, починаа околу 3 000 луѓе, а заразени се 81 000. Од континентите, вирусот досега не е регистриран само на Антарктикот, а во Европа најкритично е во Италија, каде што бројот на заразени достигна 477, а бројот на починати од петокот досега е 12.