Тоа е за неполни 4% помалку од минатиот месец, кога беа регистрирани вкупно 769 смртни случаи од ковид-19
Министерството за здравство веќе го испрати последното соопштение за дневните ковид-19 статистики во оваа година. А бројките велат дека во последното деноноќие се регистрирани 536 нови случаи од вкупно 1 662 теста. Бројката на новозаразени и не е толку висока, споредено со состојбата од пред само неколку недели, но бројката на починати е се уште висока – 15.
Според анализата на „360 степени“ на податоците кои секојдневно ги објавува Министерството за здравство, последниот месец од 2020 година земјава го завршува со 740 смртни случаи како последица на ковид-19. Тоа е за неполни 4% помалку од минатиот месец, кога беа регистрирани вкупно 769 смртни случаи од ковид-19. Бројките и во декември и во ноември се неколкукратно повисоки од оние во претходните месеци.

Додека бројката на смртни случаи е се уште висока и покажува само мали знаци на подобрување, барем во изминативе недели имаше значително подобрување на бројот на новозаразени. Ако тој тренд продолжи, извесно е дека наскоро значително ќе падне и бројот на смртни случаи.
