ИАТА го промени ставот за правилата што би важеле при патување со авион во услови на пандемијата со ковид-19
Меѓународната асоцијација за авиопревоз (ИАТА) вели дека носењето маски при патувањата со авион ќе биде задолжително, но ја отфрли идејата да се остава по едно празно седиште меѓу патниците.
Ова претставува промена во претходниот став на ова меѓународно тело, кој беше дека освен маски треба да има и физичко растојание меѓу патниците, со оставање празно седиште.
Предлозите на ИАТА се случуваат во време на засилена дебата за тоа како авиоиндустријата да продолжи со работа, и покрај големите загуби што ги претрпе поради мерките против пандемијата со ковид-19.
Драконските ограничувања во однос на патувањата буквално го турнаа овој бизнис на колена, а последна жртва се илјадниците укинати работни места во еден од најпопуларните авиопревозници „Вирџин Атлантик“.
Со слични последици се соочуваат и „Бритиш ервејс“ и нискобуџетниот „Рајанер“.
Во моментов дебата се води околу тоа како да се продолжи со летовите, а притоа да се осигура највисоко ниво на безбедност, со што би се вратила и довербата кај патниците.
ИАТА соопшти дека заедно со владите и меѓународните тела и агенции, меѓу кои и СЗО, работат на правилата кои треба да се почитуваат на меѓународно ниво и кои најверојатно ќе бидат објавени во јуни.
Тие сигурно ќе вклучуваат задолжително носење маски или покривки за лицето за време на летот и дополнителен скрининг на патниците за евентуални симптоми како треска и покачена температура, засилени хигиенски мерки и ограничено движење во авионот.
Германската авиокомпанија „Луфтханза“ и унгарскиот „Визер“ веќе објавија дека на ограничениот број летови што го имаат задолжително е носење маски.
„Визер“ со мерки поради пандемијата – од 1 мај во авион само со маски
Идејата за празно седиште меѓу патниците како мерка на физичко растојание беше предложено од сопственикот на авиокомпанијата „Изи џет“, но веднаш беше отфрлено од „Рајанер“, со образложение дека физичко растојание во еден метален објект е невозможно.
Идејата за празно седиште првично ја прифати и ИАТА и рече дека ќе биде предмет на дебата, но сега овој став го промени.
За многу авиокомпании оставањето празно седиште би било неисплатливо со што би се покачиле цените на билетите.
Некои авиокомпании на своите веб-страници веќе почнаа да продаваат билети од 17 мај и за дестинации каде што аеродромите сѐ уште се затворени.