Градоначалникот на Белград, Зоран Радојичиќ, на предлог на градскиот Штаб за вонредни ситуации донесе одлука за прогласување вонредна ситуација во Белград за спроведување на превентивните мерки за заштита на безбедноста и животите на граѓаните.
Одлуката за воведување вонредна ситуација стапува на сила денеска.
Радојичиќ за РТС изјави дека дури 82,5 отсто од заразените се од Белград поради што и се носи ваква одлука.
Исто така, тој најави одлука за спроведување на три мерки за заштита кои се однесуваат на забрана за собири на затворено и на отворено, ограничување на работата на ноќните клубови и кафетерии и задолжително носење маски, односно казни за неносење.
Овие мерки вчера во интервју за РТС ги објави претседателот Александар Вучиќ . Една од тие мерки, затворање на студентските домови, предизвика големи протести синоќа во Белград, кои продолжија и денеска.
Тие денеска се собраа пред платото на Филозофскиот факултет со барање да се повлече одлуката, а намерата им е да се упатат кон Владата.
Еден од студентските претставници Марко Радовиќ истакна дека по најавата на министерот за образование Младен Шарчевиќ дека студентите ќе останат во домовите, тие бараат да им биде прецизирано дали тоа значи дека ќе можат да останат само за време на јулскиот испитен рок бидејќи тоа за нив е неприфатливо.
Едно од барањата на студентите е да се овозможи дополнителен испитен рок за оние кои поради коронавирусот не можеле навреме да полагаат испити, но и уште еден рок за сите студенти поради целокупната ситуација.
Студентите, исто така, бараат да им се овозможи бесплатно тестирање на ковид-19 и лекување на заразените.
Тие бараат и претставниците на студентите во организациите, како што Студентскиот парламент, да поднесат оставка, бидејќи не ги застапуваат на вистински начин.
Доколку овие барања не бидат прифатени во скоро време, Радовиќ изјави дека студентите ќе бидат принудени да постават уште едно барање, а тоа е бесплатна школарина за следната година.