Одлуката на српските власти да се затворат студентските домови како мерка против ширењето на ковид-19 вечерва предизвика протести во Белград, на студентите од студентските домови во главниот град на Србија.
Први се собраа студентите од Студентскиот град на кои потоа во маршот низ градот им се пркилучија и оние од домовите од Звездара, Карабурма, Вождовац и други.
За време на маршот кој се движи кон Собранието, студентите користат свирчиња и извикуваат „Не сакаме дома“. Тие најавуваат дека нема да ги напуштат собите. Порачаа дека ако до утре до 18 часот не се повлече одлуката, студентите од сите студентски домови ќе се упатат пред Владата. За утре најавија дека своите барања ќе им ги предадат на управниците.
На местото каде се собраа на кружниот тек во близина на зградата на Општината Нов Белград дошла и полицијата.
Мерката за затворање на студентските домови ја соопшти претседателот Александар Вучиќ во интервју за РТС, за време на кое, според снимките што ги пренесоа српските медиуми, студентите од домот „Слободан Пенезиќ“ во знак на негодување тропале на тенџериња.