Според извештајот на Институт за јавно здравје, процентот на позитивни од тестирани лица изнесува 7,5 отсто, што претставува намалување од 0,3 отсто во однос на претходната недела
Најголем дел од новите случаи на ковид-19 регистрирани во текот на мината недела се жители од Скопје, Куманово, Гостивар и Штип.
Ова го покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје за период од 17 до 23 август, кога се регистрирани вкупно 839 нови позитивни случаи од 29 града во државата. Според извештајот, Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=281; 33,5%).

Извештај на ИЈЗ од 17 до 23 август, 2020
Процентот на позитивни од тестирани изнесува 7,5%, што претставува намалување од 0,3% во однос на претходната недела. Овој индикатор и натаму покажува тренд на намалување, во однос на претходните недели кога истиот се движи од 10%, 9,4%, 8,6% и 7,8%.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, и во овој период најзастапена е возрасната група на лица над 60 години со 205 (24,4%) позитивни.
Голем број заболени се регистрира и кај лицата на возраст од 30-39 (n=151; 18,0%), 40-49 (n=142; 16,9%) и 20-29 (n=140; 16,7%) . Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=20; 2,4%) и 10-19 години (n=49; 5,8%).
Во овој период пријавени се 19 смртни случаи од шест града или два повеќе во однос на претходната недела и сите се на возраст над 60 години. Од нив, 16 биле хоспитализирани, а три лица починале во вонболнички услови. Коморбидитети се регистрирани кај 16 починати лица.
Вкупната бројка на дијагностицирани со ковид во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 13 799, бројката на оздравени пациенти е 10 210, на починати е 573, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3 016.
Најголем дел регистрираните случаи досега се во Скопје, Куманово, Тетово и Штип, додека највисок морталитет се регистрира во Струга, Куманово, Штип, Тетово и Скопје. Струга и натаму предничи и по леталитетот кој прикажува колку од лицата што заболеле од ковид-19 починале од вирусот.