Според денешните податоци од Министерството за здравство, од почетокот на ковид-19 епидемијата во земјава, вкупно 10 754 лица се дијагностицирани со новиот коронавирус.
Во последните 24 часа, бројот на нови случаи изнесува 139.
Иако бројката од 139 заразени е секако подобра од деновите кога имаше и над 200 случаи за едно деноноќие, таа е се уште висока споредено со периодот пред јуни.
Анализата на „360 степени“ на податоците на министерството за здравство покажува дека овој месец, јули, биле регистрирани најмногу новозаболени од ковид-19 од почетокот на епидемијата.
Како што може да се види на графиконот подолу, во јули се регистрирани вкупно 4 449 случаи, за разлика од јуни кога имало 4 136. Мај и април изгледаат како безопасни, со 765 односно 1 152 нови случаи.
Не е се така „црно“
И покрај тоа што јули е рекорден по бројто на нови случаи, дел од податоците даваат надеж дека состојбата барем не оди на полошо.
Доколку бројот на новозаразени се групираат по седмици, почнувајќи од денеска па наназад на секои седум дена, трендот покажува благо намалување на бројот на новозаразени. Односно, во последните седум дена се регистрирани 965 нови случаи, за разлика од 1 016 и 1 014 нови болни во претходните две седмици.
Мал позитивен знак има и кај бројките за процентот на позитивни тестови. Последниве седум дена, по подолго време на повисоки вредности, покажуваат просечни 9,98% позитивни од вкупниот број на тестови.