Повеќе од 80 држави побарале финансиска помош од Меѓународниот монетарен фонд за борба против пандемијата со новиот коронавирус, во висина од над 20 милијарди долари.
Поголемиот број барања за финансиска помош се од земјите со мали приходи, мали држави и земји во развој.
Од ММФ потенцираат и дека иницијативата за стопирање на плаќањата на долговите поради пандемијата со ковид-19 не значи и отпишување на долгот.
На 28 март, директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, објави дека како резултат на пандемијата глобалната економија е во рецесија и дека државите треба да одговорат со огромно зголемување на потрошувачката за да ја избегнат потенцијалната серија банкроти.
Таа истакна дека проценките на ММФ се дека на земјите во развој им се потребни најмалку 2,5 милијарди долари финансиска помош за да ја надминат кризата.
Овогодишната финансиска криза таа ја спореди со 2009, иако според насоката во која се движи ситуацијата, таа може да биде и полоша и да се продлабочува и понатаму.
„За разлика од бавното заздравување од глобалната финансиска криза 2008/2009 сега може подобрувањето на економијата да се случи уште во 2021 година, но под услов ако се запре ковид-19 и се спречат проблемите со ликвидноста“, смета ММФ.
Сепак, проценките се дека ќе уследи влошување на ситуацијата на многу пазари во развој, кои се’ уште не се директно погодени од новиот коронавирус, но имаат одлив на капиталот, намалена потрошувачка за нивниот извоз и драстичен пад на цената на суровини што ги извезуваат.