Министрите за финансии за земјите членки на ЕУ договрија пакет за спас на најпогодените држави во блокот од кризата со коронавирусот. Пакетот изнесува 500 милијарди евра.
Договорот го соопшти шефот на Еврогрупата (неформален совет на министрите за финасии на членките на ЕУ) по маратноските дискусии во Брисел.
Министрите, сепак, не успеаја да се договорат за барањето на Франција и на Италија да се подели трошокот на кризата со издавање на т.н. „корона обврзница“. Пакетот, исто така, е помал од сумата на која повикуваше Европската централна банка (ЕЦБ). Ставот на ЕЦБ беше дека на блокот ќе му бидат потребни и до 1,5 трилиони евра за да се справи со кризата.
Сепак, францускиот министер за финансии, Бруно ле Маир, го поздрави договорот како најважниот економски план во историјата на ЕУ.
„Европа одлучи и таа е подготвена да се соочи со тежината на кризата“
напиша ле Маир на својот „Твитер“ профил.
Excellent accord entre ministres des Finances européens sur la réponse économique au #Coronavirus : 500 milliards d’euros disponibles immédiatement. Un fonds de relance à venir. L’Europe décide et se montre à la hauteur de la gravité de la crise.
— Bruno Le Maire (@BrunoLeMaire) April 9, 2020
Главната компонента во пакетот за спас го вклучува Европскиот механизам за стабилизација, односно фондот на ЕУ за финансиска помош, кој ќе ослободи 240 милијарди евра за трошење на високо задолжените земји членки кои се под притисок. Министрите за финансии на ЕУ, исто така, се договорија и за мерката која вклучува 200 милијарди евра во гаранции од Европската инвестициска банка и Европската комисија за националните краткотрајни програми за вработување.
Министрите беа близу до договор и завчера (во средата), но состанокот заврши без успех поради несогласувањата меѓу Италија и Холандија околу начинот на кој ќе се аплицира за фондовите за помош.
Пандемијата ја исфрли на виделина поделеноста во ЕУ, кога Италија и Франција ги обвинија северните членки, предводени од Германија и од Холандија, дека не прават доволно.