За првпат од крајот на мај, Министерството за здравство четири дена по ред информира дека процентот на лица кои се позитивни на ковид-19, од вкупниот број тестирани, е понизок од 10%
И денеска во Македонија има троцифрена бројка на новозаразени од коронавирусот. Вкупно 137 лица ја почнуваат или веќе ја водат битката со ковид-19. Бројката не е мала, но за домашни стандарди не се доживува и како голема, бидејќи во јули на два наврати беше пробиена границата од 200 нови болни за едно деноноќие.
Она што јавноста не го следи толку ревносно како бројот на новозаболени е бројката на тестирани. А таа бројка е важна затоа што здраворазумски е да се помисли дека повеќе тестови значи и повеќе регистрирани случаи.
Но, уште поважно, бројот на тестови е дел од формулата за пресметка на еден од првите индикатори за тоа дали заразата можеби спласнува или се разгорува, а тоа е – колку од тестираните се позитивни.
„360 степени“ ги собра сите дневни податоци на Министерството за здравство од 1 април до денеска, за бројот на тестови и на новозаразени. Резултатот покажува дека во последниве четири дена процентот на позитивни од тестирани на ковид-19 е под 10%, што не се случило од крајот на мај.

Ако податоците се групираат по недели, повторно се доаѓа до сличен заклучок. Во изминативе шест дена (без податоците од утре) процентот на позитивни тестови изнесува 9,6%, односно на секои 1 000 тестирани во просек биле позитивни 96 лица. Во сите изминати седум недели, односно од почетокот на јуни тој процент бил над 10%, па дури и над 15%. За споредба, во втората недела во јуни на 1 000 теста, во просек, позитивни биле 154 пациенти.
