Тој рече дека залудни се обидите Ковачевски да одбива предлог кој самиот го создал, работел на него, и го одобрил
ВМРО-ДПМНЕ попладнево на прес-конференција им се заблагодари на интелектуалците, академската заедница, новинарите, колумнистите и сите други општествени чинители кои, како што рече Драган Ковачки, заеднички се спротивставија на предлогот.
Тој во име на ВМРО-ДПМНЕ побара Ковачевски и неговата влада веднаш по враќањето од Брисел имаат обврска да ја депонираат својата оставка до Собранието.
„Последниот предлог кој ќе значеше бугаризација на Македонија пропадна. Напорите кои што ги вложивме заедно со народот ја спасија нацијата од асимилација. Победата е наша, бидете горди, затоа што сите вие сте дел од генерацијата која спречи бугаризација. Димитар Ковачевски, кој сега од Брисел ретерираше е човекот кој ја донесе Македонија во подредена и срамна положба, на чекор од целосно бришење на идентитетот, јазикот и историјата. Димитар Ковачевски шест месеци преговара и го договара овој предлог. Овој срамен и понижувачки предлог кој директно е на штета на македонските национални интереси“,
рече Ковачки на прес-конференцијата посветена на одбивањето на францускиот предлог.
Тој тврди дека ова што сега од владата го карактеризираат како неприфатлив предлог пред само месец таа го усогласила.
„Пред само еден месец преговорите ги преземал тим од МНР на Франција и кабинетот на претседателот на Франција и по усогласување на предлогот во детали, од македонската страна биле побарани забелешки кон текстот“,
рече Ковачки.
Тој на прес-конференцијата ги објави, како што рече, барањата и објаснувањата од македонската влада:
„Меѓувладината конференција да отпочне веднаш, а се друго во предлогот било во ред и било прифатливо за нив; побарале предлогот да оди на брзо усвојување во Бугарија, со цел македонската јавност да не се запознае во детали со предлогот, а во тоа брзање и налет, оваа влада на СДСМ и ДУИ имале план да направат еуфорија дека почнуваме преговори; со така создадената еуфорија сакале да ја применат нивната политичка тактика – „морков или стап“ надевајќи се дека ВМРО-ДПМНЕ и народот ќе немаат избор освен пред свршен чин да ги поддржат уставните измени“,
рече Ковачки.
Тој рече дека залудни се обидите Ковачевски да одбива предлог кој самиот го создал, работел на него, и го одобрил.
„Залудни се и политичките пазарења на Ковачевски, залудни се оправдувањата дека, после ваков јавен притисок, ако го прифати предлогот ќе останел без влада, и жестоко ќе ги загубел предвремените парламентарни избори за кои самиот ценел дека неминовно ќе се случат. Ковачевски и неговата влада веднаш по враќањето од Брисел имаат обврска да ја депонираат својата оставка до Собранието. Одговорност за ова мора да има затоа што ја лажеа македонската јавност дека не преговарале, а биле дел и го пишувале документот кој што значел бугаризација на Македонија“,
рече Ковачки.