Формирањето на владата, додаде тој, ќе се одвива според законските рокови, а „јасната определба на граѓаните на изборите води кон тоа дека ќе има стабилна влада“
Претстои многу работа по формирање на владата, сите се свесни и подготвени за тоа. Премиерот Христијан Мицкоски за подобар стандард на граѓаните, за подобри услови за живот, за трансформација на општеството, ќе се направи сѐ здравството да функционира, а образованието да продуцира квалитетни кадри, изјави вечерва за телевизија Алфа, Драган Ковачки, пратеник и член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ.
Во однос на воведувањето нови министерства кои ги најави Мицкоски, Ковачки кажа дека ќе има поддршка за промените и дека предлог-измените на Законот за влада ќе бидат поднесени деновиве.
„Ние ветивме дека ќе воведеме нови ресори во владата, или ново министерство за енергетика и за спорт. Ќе има поддршка за овие промени, деновиве ќе се поднесе законот. Практично за истите очекуваме поддршка од сите, бидејќи ова е за доброто на сите и на Македонија“,
посочи Ковачки.
Формирањето на владата, додаде тој, ќе се одвива според законските рокови, а „јасната определба на граѓаните на изборите води кон тоа дека ќе има стабилна влада“.
„ВМРО-ДПМНЕ ќе предводи стабилна, но и работлива влада. Најважно од сѐ е што ќе има влада која ќе ги реализира ветените проекти. Ќе реализира се што треба за граѓаните. Одредени структури кои лошо поминаа на изборите, народот ги препозна и ги стави таму каде што треба“,
рече Ковачки.
Осврнувајќи се на случувањата во СДСМ и претстојниот избор на нов претседател во партијата, Ковачки оцени дека кандидатите веќе извршувале функции и се добро познати.
„Славјанка Петровска е една од најслабите министерки за одбрана, докторот Венко Филипче е познат само по тендерите, одговорен за модуларната во Тетово, за набавките на вакцини за време на корона. Јован Деспотовски исто така е познат по доделување на тендери за сомнителни проекти. Сите тие се од еден период кој е црна дамка за Македонија. Ова се лица кои се покажале и кои се политички мртви, не е добро за партијата такви ликови да ја водат“,
кажа Ковачки.