Против лицето кое одлучи да биде партиски, а не армиски војник се води дисциплинска постапка поради закани кон началникот на ГШ на Армијата, реагираше министерката за одбрана на Фејсбук
Против полковникот Драган Ковачки, кој е член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, се води дисциплинска постапка затоа што му се заканувал на началникот на Генералштабот на Армијата.
На ваков заклучок наведува реакцијата на министерката за одбрана Радмила Шекеринска откако денеска Ковачки поднесе кривични пријави против неа и против службено лице во МО, обвинувајќи ги за прекршување на членовите 349 и 353 од Кривичниот законик, како и членот 103 од Законот за класифицирани информации.
Шекеринска напиша на Фејсбук дека е во прашање нервоза и тоа од две причини:
„Кога ДПМНЕ беа на власт поднесуваа кривични пријави за да ја заплашат јавноста, а сега ги поднесуваат за да ја замајуваат. Но, мотивот за денешните пријави е друг. Нервоза е во прашање и тоа од две причини. Првата е што против лицето кое одлучи да биде партиски, а не армиски војник, се води дисциплинска постапка поради закани кон началникот на Генералштабот на Армијата. Нешто што е незамисливо за офицер во која било Армија. Втората е што наскоро, согласно со измените во Законот за служба во Армијата, тој ќе треба да одлучи дали ќе ја соблече армиската униформа, бидејќи му е поважна партиската. Жално е што тој и денес со голема леснотија ја отфрли армиската чест само за да служи на една мала група на луѓе“,
напиша Шекеринска.
Ковачки е армиски полковник, што пред една година му беше пречка за да биде избран за технички министер за внатрешни работи, на предлог на ВМРО-ДПМНЕ. Откако СДСМ ја оспори неговата кандидатура, поради тоа што не е цивилно лице, за да биде дел од техничката влада, ВМРО-ДПМНЕ го кандидираше за пратеник во третата изборна единица.
Ковачки за малку не влезе во парламентот, а по изборите беше избран за член на новиот состав на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Од таа позиција, тој во изминатиот период редовно ја критикува министерката за одбрана.
Ковачки не кажа денеска на кој случај се однесува пријавата што ја поднесе против Шекеринска.
Во изминатиот период, тој бара одговорност од Шекеринска, како и од претседателот Стево Пендаровски затоа што кандидатот за воен претставник на С Македонија во НАТО не доби безбедносен сертификат од Алијансата.
Офицерот за безбедност на МО, полковник Горан Василевски, на прес-конференција објави дека воените претставници кои не добија „виза“ од НАТО добиле национални безбедносни сертификати во време на ВМРО-ДПМНЕ, а кај едно од лицата во досието фигурира и потписот на Ковачки.