Ковачевски вели дека и во минатото имало такви искуства, политички партии што произлегуваат од СДСМ на крајот пак да завршувале во СДСМ каде што им било и местото или во коалиции со СДСМ

Дали СДСМ ќе коалицира со партијата ЗНАМ на Максим Димитриевски или со други партии со кои досега не биле коалициски партнери, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, вели дека не може да каже бидејќи според него тие во своите настапи сакаат да направат диференцијација од тоа што биле цел живот.
„Максим Димитриевски е долгогодишен поранешен член на СДСМ. Тој во текот на своето политичко дејствување одлучи да формира своја политичка партија. На минатите локални избори во градот Куманово тој беше поддржан од опозицијата на државно ниво, односно од ВМРО-ДПМНЕ и од некои други политички партии и на тој начин успеа да го добие мандатот за градоначалник, односно да извојува победа за градоначалник и после тоа формира своја политичка партија. Не би можел во моментов да ви кажам во делот на коалицирањето или со политичката партија што ја предводи градоначалникот на Куманово или со други политички партии со кои не сме коалицирале, со оглед на тоа дека тие во своите настапи сакаат да направат диференцијација од тоа што биле цел живот“,
вели Ковачевски во интервју за МИА.
Тој вели дека и во минатото имало такви искуства, политички партии што произлегуваат од СДСМ на крајот пак да завршувале во СДСМ каде што им било и местото или во коалиции со СДСМ.
Ковачевски во интервјуто, раскажувајќи анегдота за која вели дека е од поранешниот претседател на САД, Роналд Реган, рече дека оние што се обложуваат против своите не завршуваат добро.
„Има една анегдота што ја кажува поранешниот претседател на САД, Роналд Реган. Имало некој човек што сонувал постојано број 5. И секоја вечер сонувал број 5, а бил притоа и страстен љубител на обложување на трки со коњи. Тргнувајќи од фактот дека го сонувал бројот 5 цело време, таа патека е сигурно среќен број за него и отишол на една од трките каде што живеел во САД и сите пари што ги имал ги ставил на бројот 5, на коњот и џокејот во патеката 5, па и коњот се викал 5х5 и на крајот вложил сè и коњот нормално завршил на петто место. Така што, отприлика така завршуваат тие ситуации во кои човек се обложува против своите. Така што, да видиме како ќе биде на изборите“,
вели Ковачевски за МИА.
Тој повторува дека во Европскиот фронт вратите се отворени за сите што ги делат вредностите за зачленување на земјава во ЕУ, а затворени за политички партии што имаат алтернативни решенија, а не за зачленување во ЕУ.
