Тој потсети дека и Социјалдемократскиот сојуз на Македонија на крајот на минатата година имал серија трибини со граѓаните кои финиширале со голем собир на членови и симпатизери на партијата во спортскиот центар „Борис Трајковски“
Најавениот голем митинг на Демократската унија за интеграција (ДУИ) што треба да се одржи вечерва во Чаир, според премиерот Димитар Ковачевски, спаѓа во опсегот на нормални активности на секоја политичка партија и во тој контекст им посака успех на интегративците.

Тој потсети дека и Социјалдемократскиот сојуз на Македонија на крајот на минатата година имал серија трибини со граѓаните кои финиширале со голем собир на членови и симпатизери на партијата во спортскиот центар „Борис Трајковски“.
„Сакам да посакам успех на интерната трибина на Демократската унија за интеграција. Тоа се нормални активности што ги прави секоја политичка партија какви што впрочем во текот на последниот квартал на 2022 година ги направи и нашата политичка партија Социјалдемократскиот сојуз на Македонија кога имавме 70 трибини, а заврши со голема трибина од над 11 000 луѓе, односно членови, симпатизери и граѓани во спортскиот центар `Борис Трајковски`“,
изјави денеска Ковачевски прашан за коментар за вечерашниот собир на ДУИ.
На денешниот собир во Чаир, кој е закажан за 19 часот кај спортската сала „Шабан Трстена“, ќе присуствува и лидерот на интегративците, Али Ахмети.
Големиот митинг на ДУИ, доаѓа по минатонеделната онлајн кампањата „Да, тој доаѓа“ која предизвика серија реакции во јавноста и која во дел од политичките кулоари се протолкува како најава за избори и доаѓањето на премиер Албанец на чело на техничката влада 100 дена пред одржувањето на парламентарните избори.
Инаку, митингот на чело со Ахмети ќе се одржи во упориштето на т.н. „огнена група“ на ДУИ, која подолг период бара смена на првиот вицепремиер Артан Груби, но и на други функционери на ДУИ од партиските органи и од извршната власт поради како што тврдат нереализираната партиска програма.
Барањата на „огнената група“ не наидоа на поддршка од лидерот Ахмети, што беше повод и едните и другите да почнат со интензивни средби со членството и симпатизерите.
Пратеникот на ДУИ, Изет Меџити, кој е чаирчанец и е еден од најистакнатите претставници на „огнената група“, митинг го окарактеризира како собир на „артанисти“.
„Не сме поканети. Тоа е собир на артанисти. Ја тероризираа јавната и државната администрација, добиваат списоци со закани кој ќе учествува. Ќе се носат од сите градови, од секаде“,
рече Меџити.