На вчерашниот настан, пак, Мицкоски се пофали со 1 096 отпочнати проекти на нивните градоначалници за првите 100 дена од кои 166 капитални објекти
Премиерот Димитар Ковачевски смета дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ништо не работат и само бараат помош од Владата. Тие, порачува тој, мора да сфатат дека се власт во општините каде што победија на локалните избори.
„Од она што можам да го видам е дека ништо не се прави во општините. Јас живеам во градот Скопје каде што гледам дека ветувањата што беа давани во текот на кампањата воопшто не се реализираат. Единствено нешто што добиваме е барања за помош, но од другата страна не постои никаква иницијатива градоначалниците да се вклучат во справувањето со економската и енергетската криза. Тоа го велам од фактот што овие градоначалници, што се избрани, а половина се од опозицијата и тие мора да сфатат дека се власт во овие општини, самите ги правеа буџетите, знаејќи дека е криза и во нив не предвидоа никакви кризни програми со кои ќе се справат во насока на поддршка на граѓаните и на институциите кои работат во нивни рамки“,
изјави Ковачевски.
Тој го коментираше и вчерашниот настан на ВМРО-ДПМНЕ на кој од партијата даваа отчет за првите 100 дена, за што премиерот вели дека дел од проектите кои ги презентираат се на претходните градоначалници од СДСМ, а дел се непостоечки.
„Барањата за помош се од градоначалници кои доаѓаат од партија, која гледаме дека наместо да помага на граѓаните вчера организираше целодневни настани со снимање на скапи видеа и закупување скапи сали каде што презентираат проекти од кои дел се започнати од градоначалниците од СДСМ, а другиот дел се тотално непостоечки, никој не ги гледа и не гледа нивна имплементација“,
вели Ковачевски.
На настанот вчера во зградата на Филхармонијата, пак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се пофали со 1 096 отпочнати проекти на нивните градоначалници за првите 100 дена од кои 166 капитални објекти.
„Започнати се со проектирање, градба или реконструкција на нови 33 градинки и 68 училишта. Точно 206 улици и патишта се градат или реконструираат со вкупна должина од приближно 100 км. Се инвестира во градба на 111 водоводи и канализации, 96 игралишта и паркови. Расчистени се 200 диви депонии. Општините ги отворивме за граѓаните. За услуги за кои се чекало со години, денес се потребни минути. Предмети за легализација на дворови, доградби, меѓи седеле низ архивите на општините. Сега за само сто дена во Кисела Вода се легализирани повеќе од 490 дивоградби, во Битола издадени се повеќе од 1 100 решенија за легализација, со несмалено темпо овој процес се случува насекаде во Македонија каде што градоначалници се избрани од редовите на ВМРО-ДПМНЕ или коалицијата“,
рече Мицкоски.