Енергетската криза, животниот стандард, инфраструктурата и евроинтеграциите остануваат приоритетни цели на Владата, рече премиерот Димитар Ковачевски по повод првите 100 дена од работењето на Владата
Во однос на евроинтеграциите на Северна Македонија, Ковачевски појасни оти проширувањето на Европската Унија ќе ја зголеми безбедноста и ќе ја консолидира демократијата и затоа, како што додаде, на сите форуми и средби со нашите меѓународни сојузници и партнери истакнуваат дека за Северна Македонија е од исклучителна важност отпочнувањето на преговори за пристапување во Европската Унија, без натамошни одложувања
Владата останува на јасната цел – да обезбеди сигурност и континуитет во создавањето услови за подобар живот, како и европска и просперитетна иднина за граѓаните. За тоа е потребно ефикасно, чесно и одговорно владеење, рече премиерот Димитар Ковачевски на тематската владина седница по повод 100 дена од работењето на Владата, додавајќи дека тие се одликите што ги побарал од министрите кои прифатија да бидат дел од владиниот тим.
Справувањето со енергетската криза, што е пред сè европска енергетска криза, е прв и клучен приоритет на Владата, потенцира премиерот Димитар Ковачевски на денешната тематска владина седница.
За следен приоритет на Владата, премиерот го посочи зачувувањето и заштитата на животниот стандард на граѓаните и поддршка на компаниите во насока на економската криза, која произлегува од енергетската и воената криза во Украина, за која потенцираше оти нè исправи пред историски предизвик како членка на НАТО да одговориме на овој, како што го нарече, антицивилизациски чин.
Премиерот истакна оти исполнувањето на целите во однос на големите инфраструктурни проекти се приоритет, исто како и евроинтеграциите на земјава.
Во однос на евроинтеграциите на Северна Македонија, Ковачевски појасни оти проширувањето на Европската Унија ќе ја зголеми безбедноста и ќе ја консолидира демократијата и затоа, како што додаде, на сите форуми и средби со нашите меѓународни сојузници и партнери истакнуваат дека за Северна Македонија е од исклучителна важност отпочнувањето на преговори за пристапување во Европската Унија, без натамошни одложувања.
„Со нашите партнери во ЕУ се усогласивме дека проширувањето со Западен Балкан, како никогаш досега, е геостратешко прашање, а овој став го делат земјите – членки на ЕУ“,
подвлече Ковачевски.
Меѓу другото, Ковачевски наведе оти војната во Украина ни овозможила во пракса да видиме колку е за нас важно членството во НАТО, додавајќи оти членството во Алијансата е историски успех што обезбедува траен мир и безбедност на целиот европски континент.
Во своето обраќање по повод 100 дена од работењето на Владата, Ковачевски ги истакна најзначајните работи направени во овој период и потенцира дека актуелната Влада останува на јасната цел – да обезбеди сигурност и континуитет во создавањето услови за подобар живот.
„Ова беа 100 дена на предизвици – денови на здравствена, енергетска, економска и воена криза и клучна цел беше да се задржи стандардот на граѓаните. Обезбедивме непречена исплата на сите обврски на Буџетот, зголемени приходи, поддршка на инвестициите, поддршка на земјоделството, сè она што една влада треба да го прави за своите граѓани во време на криза“,
оцени премиерот Димитар Ковачевски на денешната отворена седница по повод 100 дена Влада.
Меѓу другото, премиерот истакна оти негова цел како прв човек на Владата е да има конструктивна комуникација со сите чинители на општеството и повика на издигнување на дневно-политичките случувања и обединување околу приоритетите во општеството.
Новата влада, потсети премиерот во своето обраќање, јасно ги дефинираше приоритетите за работа, креирана е програма, потсети, која е надградена врз основа на изборниот легитимитет добиен на изборите во 2000 година, со тоа што се вградени програмските определби на новиот коалициски партнер Алтернатива. Дополнително, истакна Ковачевски, во програмата на оваа влада се вклучени и нови автентични програмски цели, неопходни произлезени од нови предизвици.