Ова ветување беше цел на критика и потсмев од опозицијата која силно се противи на растот на платите, но и покрај честите опструкции од нив – успеавме, вели премиерот
Покачувањето на платите и вложувањето во стандардот на граѓаните е политика на која останавме доследни. Благодарение на правичните политики и одговорното владеење, ветувањето на СДСМ од 2017 година е целосно реализирано, вели премиерот Димитар Ковачевски откако Државниот завод за статистика (ДЗС) објави дека просечната плата за март годинава изнесувала 31 080 денари.
„Малку кој веруваше дека ќе имаме просечна плата од 30 000 денари. Ова ветување беше цел на критика и потсмев од опозицијата која силно се противи на растот на платите, но и покрај честите опструкции од нив – успеавме. Во време на голема економска криза сфаќаме колку се значајни овие политики. Со покачувањето на платите ги штитиме граѓаните од големиот раст на цените, а буџетот го насочуваме онаму каде е најпотребно, да обезбедиме повеќе приходи, да ги намалиме ценовните шокови и заеднички полесно да ја надминеме кризата“,
вели Ковачевски.
Тој во објавата им се заблагодарува на членовите на неговата, но и на владите на Заев кои работеле на остварување на ова ветување.
Просечната плата во март годинава во споредба со една година претходно е поголема за 10,1 отсто.
Според статистиката во споредба на овој март со ланскиот, најголемо зголемување на просечните плати имало во секторите: финансиски дејности и дејности на осигурување (21,4 проценти); уметност, забава и рекреација (20,2 проценти) и објекти за сместување и сервисни дејности со храна (19,5 проценти).