Телото, како што информираше премиерот, ќе го координира Бирото за јавна безбедност, односно Министерството за внатрешни работи
Премиерот Димитар Ковачевски вечерва во интервју за Националната телевизија соопшти дека на состанокот на Советот за координација на безбедносните служби одржан пред десетина дена било формирано тело што го сочинуваат експерти од овие институции кои ќе работат на заштитата од хибридни закани, меѓу кои се и дојавите за бомби кои речиси секојдневно пристигнуваат на електорнските адреси на училишта и на јавни објекти во земјава.

Телото, како што информираше Ковачевски, ќе го координира Бирото за јавна безбедност, односно Министерството за внатрешни работи.
„На тој совет присуствуваа министрите за внатрешни работи, за одбрана, за надворешни работи и директорите на трите разузнавачки служби – Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Агенцијата за разузнавање (АР) и Военото разузнавање. Се дискутираше за сите овие дојави за бомби. Формиравме тело кое што го сочинуваат најголемите експерти од сите овие институции што ги набројав. Со телото ќе координира Бирото за јавна безбедност, односно Министерството за надворешни работи во делот на обезбедување на сајбер безбедност и заштита од хибридни закани и дополнително дијагностика на системот во делот на неговата отпорност кој што ќе биде направен на врвно професионално ниво“,
рече премиерот Ковачевски во интервјуто.
Почетокот на дојавите за поставени бомби, за кои Ковачевски посочи дека се хибридни напади, тој го лоцираше паралелно со почетокот на војната во Украина, односно руската агресија врз земјата.
„Станува збор за хибридни напади во најголем дел, бидејќи доколку ги погледнете дојавите за бомби кои што ги имаме кај нас истото тоа се случува и во други земји членки на НАТО, но и во земји кои не се членки. И дојавите за бомби практично започнаа со започнувањето на војната, со агресијата на Русија врз Украина кога почнаа и овие појави во различни држави. Доколку се погледне и самата содржина на пораките тогаш се гледа дека се работи за организирана активност и затоа велиме дека се хибридни закани, затоа што пораката која се добива при дојава за бомба во Северна Македонија и таа која се добива во Црна Гора или Германија практично има иста содржина, односно закани од политички и од геостратешки карактер“,
рече Ковачевски.
Дополнително, додаде тој, има и имитирачки закани кои се прават од наши граѓани, во најголем дел малолетници.
„Тука сакам да пратам порака како родител и како премиер дека младите не треба да го прават тоа, бидејќи станува збор за тешки кривични дела од областа на тероризмот. Сметам дека не треба овие луѓе уште од млади години да се наоѓаат на такви листи кои што ќе ги карактеризираат целиот нивен живот како терористи. Упатувам апел до сите млади и сите граѓани да не навлегуваат во такви активности бидејќи тоа не носи добро на општеството, а најмалку им носи добро на нив“,
рече Ковачевски.
За мерките што ги преземаат надлежните институции во врска со дојавите за бомби се дискутираше и во Собранието, но за содржината од реферирањето пред собраниските комисии јавноста не дозна ништо, бидејќи седниците беа зад затворени врати.
Седницата на собраниската Комисија за одбрана и безбедност на која за ова прашање реферираше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски се одржа без присуство на опозицијата. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата бидејќи Спасовски побара, а мнозинството во Комисијата го прифати неговиот предлог таа да биде затворена за јавноста.
Комисијата за надзор над работата на АНБ, на која за мерките околу дојавите за бомби требаше да реферира директорот на Агенцијата, Зарко Милошевски не се ни одржа, од истата причина.
Инаку, дојави за наводно поставени експлозивни направи имаше и денеска во 20 училишта во Скопје и Куманово, кои по извршените антитерористички проверки беше утврдено дека се лажни.