Премиерот порача дека Северна Македонија е доверлив партнер и е отворена да разговара за спорот со Бугарија, со посредство на ЕУ
Коментирајќи ја одлуката на партијата Има таков народ да излезе од владината коалиција во Бугарија, а како една од причините за тоа да биде и Северна Македонија, премиерот Димитар Ковачевски денеска порача дека тоа каков е составот на тамошната влада е нивно внатрешно прашање. Што се однесува до спорот што го имаме со Софија и бугарското вето, порача тој, нашата страна е спремна за разговори.
Ние, рече Ковачевски, во ниту еден момент прашањето на преговорите со Бугарија и на зачленувањето во ЕУ не го инструментализиравме, не го политизираме еднострано и не го користиме за внатрешна политичка употреба, за разлика од другата страна која постојано ова прашање го инструментализираше и користеше за внатрешна политичка употреба.
„И после пет месеци, сè уште ние како држава сме отворени да разговараме со посредство на претседателството на ЕУ, на ЕК, затоа што ние сме доверлив партнер како за соседите така и за ЕУ. Затоа прашањето треба да биде поставено на претставници на бугарската влада за композицијата на нивната влада бидејќи тоа е внатрешно политичко прашање во Бугарија, а јас како што кажав ние сме држава која и своите меѓународни односи и своите внатрешни односи ги има изградено на највисоко врвно европско ниво“,
рече премиерот.
Пред да се осврне конкретно на случувањата во Бугарија, Ковачевски порача дека во секои преговори за да има успех потребна е доверливост на преговарачките страни. Според него, Северна Македонија е доверлив партнер и сака искрено и трајно решение.
Како аргументи премиерот наведе што во државата нема отворени внатрешни прашања посочувајќи ги тука Охрискиот рамковен договор, Законот за употреба на јазици …
„Ние сме единствена држава која прво согласно своето уставно уредување обезбедува индивидуалните права на самоопределување да бидат остварувани колективно, држава која има министерство за политички систем и правата на заедниците, држава која има агенции за употреба на јазици и низа на други државни институции кои се грижат за малцинските права, не прави стабилен и доверлив партнер“,
продолжи Ковачевски.
Тој порача и дека земјава исто така нема отворени прашања освен со Бугарија – со Србија се затвори прашањето со црквите, а со Грција потсети дека беше потпишан Преспанскиот договор и сега со нив имаме извонредна соработка исклучиво на база на економски теми.
Бугарската владејачка коалиција досега ја сочинуваа Продолжуваме со промените од чиј редови е премиерот Кирил Петков, како и партиите Има таков народ (ИТН), Бугарсакта социјалистичка партија (БСП), и Демократска Бугарија.
Меѓутоа, лидерот на ИТН, Слави Трифонов денеска објави дека излегува од Владата, а како причини ги наведе немањето пари во Буџетот и прашањето за Северна Македонија односно обвини дека премиерот сака да го повлече ветото.
„Премиерот им ветил на различни лидери во Европа и светот дека ќе го крене ветото на Република Северна Македонија и прави сè што е можно за тоа да се случи, иако голем дел од бугарските граѓани очекуваат РСМ да го исполни договорот меѓу двете земји. Кирил Петков грубо, безмилосно и еднострано не го почитуваше потпишаниот коалициски договор. Македонија е важен дел од нашата историја и душа и никој нема право да носи еднострани одлуки против волјата на бугарскиот народ. Ова се нарекува национално предавство“,
рече Трифонов во своето видеообраќање.