Процедурата која денеска е усвоена на Влада предвидува фотонапонските електроцентрали да може да бидат поставени на објекти во индивидуална сопственост до 6 киловати и од страна на правни лица до 40 киловати
На денешната Владина седница поминаа измените и дополнувањата на Законот за градење, кои ќе бидат доставени во собраниска процедура.
Премиерот Димитар Ковачевски на својот фејсбук-профил порача дека ова е доказ за посветеното работење на Владата за ублажување на последиците од енергетската криза.
„Креираме амбиент за граѓаните и деловната заедница да може да постават најбрзо, наједноставно и по најповолни услови фотонапонски електроцентрали за производство на струја“,
напиша Ковачевски.
Тој, исто така, информира дека процедурата која денеска е усвоена на Влада предвидува фотонапонските електроцентрали да може да бидат поставени на објекти во индивидуална сопственост до 6 киловати и од страна на правни лица до 40 киловати.
„Ги поедноставуваме процедурите и клучно е што на граѓаните нема да им биде потребно решение од општината за поставување на фотонапонските централи. Со ова излегуваме пресрет и на бизнис секторот и на граѓаните, а помагаме на домашниот електроенергетски сектор“,
наведува Ковачевски.
Премиерот испрати апел до пратениците проактивно да се вклучат во носење на измените во Законот за градење.