Инвеститорите со новите измени за поставување фотоволтаици ќе имаат задача само да ја известат матичната општина и да достават извод од централен регистар доколку се работи за фирма или копија од лична карта ако се работи за физичко лице
Имајќи предвид дека сме во енергетска светска криза, како Министерство правиме напори секој граѓани да може да постави фотонапонски централи на своите објекти. На денешната владина седница поминаа овие измени во однос на поедноставни процедури за поставување фотоволтаични електрани на покривата на домаќинствата и стопанските објекти, а сакам да апелирам до сите пратеници проактивно да се вклучат и да ги изгласаат овие законски измени веќе на следната собраниска седница, порача на денешната прес-конференција министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Согласно најавените измени, фотонапонските централи ќе можат да бидат поставени кај домаќинствата до шест киловати и кај правни лица до 40 киловати, додека на колективните згради може да се постават од страна на заедницата на станари, но електричната енергија да се користи само за заедничките простории.
За сето ова, како што истакна Бочварски, на граѓаните нема да им биде потребно одобрение или решение од општината.
Инвеститорите ќе имаат задача само да ја известат матичната општина и да достават извод од централен регистар доколку се работи за фирма или копија од лична карта ако се работи за физичко лице.
Ќе биде потребен и имотен лист за објектот или договор со сопственикот на објектот, како и основен проект за поставување на фотонапонска електроцентрала.
„Приклучокот се пријавува до ЕВН, а контрола врз градбата ќе вршат градежните инспектори“,
нагласи Бочварски.