Прашан дали ќе има лидерска средба за уставните измени, премиерот кратко одговори дека во моментов такво нешто не е предвидено, но доколку се појави потреба, тогаш ќе биде закажана
Тој им порача дека на сите политички партии кои се за проевропскиот концепт дека вратите им се отворени и дека само тоа е патот напред за нашата држава
Премиерот Димитар Ковачевски денеска уште еднаш ги повика пратениците во Собранието да ги стават настрана политичките и идеолошките разлики и да ги донесат одлуките за продолжување на евроинтеграцискиот процес.
Иако не спомена експлицитно, јасно е дека повикот на Ковачевски се однесува на уставните измени, кои се услов за отворање на преговарачките поглавја со ЕУ, што треба да се случи најдоцна до ноември годинава, кога завршува скрининг-процесот со ЕУ, како прва фаза од почетокот на преговорите.
Тој посочи дека како Влада имаат јасна цел – членство во Европската Унија до 2030 година, цел која, како што посочи премиерот, иако за многумина е многу амбициозна, сепак не е невозможна.
Затоа сега, порача премиерот, сите во државата треба да се фокусираат на реформите.
„Пратениците се гласот на граѓаните во законодавниот дом, постигнувањето на заедничките национални и општествени цели мора да го стават пред политичките и идеолошките разлики. Некои одлуки треба да ги донесеме поради сите граѓани на Северна Македонија. Нивната иднина е пред сите политички и идеолошки разлики. Без разлика на политичката припадност вие пратениците сте избраници од граѓаните и затоа мора да покажете конструктивност во име на граѓаните, мора да покажете единство за благосостојба на нашите граѓани и нашето општество“,
рече Ковачевски на денешната прес-конференција на која заедно со вицепремиерот за европски прашања ги презентираше резултатите од досегашниот скрининг-процес со ЕУ.
Процесот на членство во ЕУ, додаде премиерот, е сложено, бара континуитет и силна волја.
„И затоа да го направиме тоа не поради ЕУ, туку да го направиме поради нашите граѓани. Северна Македонија има целосна поддршка од Европската комисија за забрзување на темпото на пристапните преговори, имаме силна поддршка од европските институции од државите членки од високите европски претставници. Нивното присуство кај нас и оддавање почит на нашата земја и народ е јасна порака дека имаме сојузници во ЕУ и дека Северна Македонија ја гледаат како земја-членка на Унијата. Сега се е во наши раце и подобриот живот на граѓаните, европската иднина на земјата. Сето тоа зависи од сите нас, да бидеме единствени за членство на Северна Македонија во Европската Унија, да покажеме единство бидејќи тоа е влог во градењето просперитетна иднина на граѓаните и на државата“,
порача Ковачевски.
Прашан дали ќе има лидерска средба за уставните измени, премиерот кратко одговори дека во моментов такво нешто не е предвидено.
„Меѓутоа, доколку се појави потреба, тогаш ќе биде закажана. Меѓутоа во моментов не“,
изјави премиерот Ковачевски.
Во врска со повиците на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за формирање алијанса за Европа, Ковачевски рече дека во земјава има два концепта за иднината на земјава: едниот концепт е за европска Македонија, другиот е за евроазиска унија кој, како што рече, го заговара Левица и нивниот заложник ВМРО-ДПМНЕ.
„Едниот е концепт е за европска Македонија и него го поддржува СДСМ со коалициските партнери, ДУИ, Алтернатива, гледаме и Алијанса за Албанците. Од друга страна има концепт на политички партии, тука пред сè мислам на Левица и на нивниот заложник ВМРО-ДПМНЕ кои се против членството во НАТО што го потврдија во свои јавни изјави и против членството во ЕУ што сметам дека е погрешен концепт бидејќи не нудат алтернатива. Дури уште полошо Левица нуди некаква алтернатива на евроазиска унија која во ниеден случај не е во согласност со определбите на граѓаните на нашата држава“,
рече Ковачевски.
Тој им порача дека на сите политички партии кои се за проевропскиот концепт дека вратите им се отворени и дека само тоа е патот напред за нашата држава.