Нашите напори да се справиме со кризата заеднички се континуирани, и верувам дека со земјите од регионот ќе обезбедиме поддршка за да ја пребродиме една од најтешките зими која нè очекува, порача премиерот по средбата со неговите колеги од Балканот

Кои се опциите да се надмине енергетската криза, била темата на која разговарале премиерот Димитар Ковачевски и неговите колеги од Балканот на работниот ручек што го организираше потпретседателот на Европската комисија (ЕК), Жозеп Борел, во Њујорк каде тие присуствуваат на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН).
По работниот ручек, премиерот излезе со убедување дека верува оти заеднички ќе успеат да обезбедат поддршка за да се преброди претстојната зима која е една од најтешките што не очекува поради енергетската криза.

„Ја искористивме приликата за да ги разгледаме опциите за надминување на енергетската криза и за тоа како во време на криза оние на кои можеме да се потпреме се соседите. Развојот и напредокот на секоја од земјите од регионот е тесно поврзан, затоа е и исклучително важно да сме заеднички посветени на истата цел. Нашите напори да се справиме со кризата заеднички се континуирани, и верувам дека со земјите од регионот ќе обезбедиме поддршка за да ја пребродиме една од најтешките зими која нè очекува“,
вели Ковачевски.
На работниот ручек со Борел од балканските лидери покрај Ковачевски присуствувале претседателите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Вјоса Османи, премиерите на Црна Гора и Албанија, Дритон Абазовиќ и Еди Рама, како и членот на претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ.

Овој состанок следуваше по отворањето на 77-то Генерално собрание на ОН. Делегацијата од Северна Македонија ја предводи Ковачевски, а дел од неа се и шефот на дипломатијата Бујар Османи, амбасадорот на земјава во ОН, Љубомир Фрчковски и советникот на премиерот за надворешни работи, Едмонд Адеми.
Според агендата, превидено е утре Ковачевски да се обрати на состанок по повод 30 години од Декларација за малцинските права, а на 24 септември ќе говори на генералната дебата на Генералното собрание на ОН.
За време на престојот во Њујорк тој ќе има и неколку билатерални средби и предавање на Универзитетот Колумбија.