Од германскиот канцелар Олаф Шолц и од СР Германија, Северна Македонија уште еднаш доби силно охрабрување и поддршка за реализација на следниот чекор на зацртаниот пат кон пристапувањето во ЕУ – носењето на значајните одлуки кои ги имаме пред нас, информираат од Владата
Европската перспектива на Северна Македонија, политичките случувања во земјата врзани со пристапните преговори и актуелните случувања во регионот биле дел од темите за кои синоќа во Тирана, Албанија, разговарале премиерот Димитар Ковачевски и канцеларот на Сојузна Република Германија, Олаф Шолц.
„Од германскиот канцелар Олаф Шолц и од СР Германија, Северна Македонија уште еднаш доби силно охрабрување и поддршка за реализација на следниот чекор на зацртаниот пат кон пристапувањето во ЕУ – носењето на значајните одлуки кои ги имаме пред нас“,
се вели во соопштението од владината прес-служба.
Напорите на Владата на Република Северна Македонија за продолжување на евроинтеграцискиот процес, се додава во соопштението, беа поздравени и препознаени како позитивен исчекор и напредок во исполнувањето на критериумите за пристапување. Исклучително е важно, велат од владината прес-служба, Северна Македонија да го продолжи европскиот пат и земјата да постигне консензус за стратегиските прашања кои се од интерес на граѓаните.
Ковачевски, на средбата со Шолц одржана по завршувањето на вчерашните работни сесии на Самитот на Берлинскиот процес, истакнал дека не смееме да ја пропуштиме оваа неповторлива шанса која ја имаме, и треба да го дадеме нашиот глас за Европа. Премиерот потенцирал дека на Северна Македонија ѝ е потребна интеграција, а не изолација и дека гласот во парламентот за уставните измени е глас за европската иднина на Северна Македонија.
Соговорниците, се додава во соопштението, се согласиле дека забрзувањето на интегративните процеси е во интерес на политичката, безбедносната и економската стабилност на целиот регион.
„Пристапувањето и крајно, членството во ЕУ значат економски и општествен развој, социјална правда, врвна демократија, функционално владеење на правото, како и севкупно подобрен животен стандард“,
се вели во соопштението од Владата.
Ковачевски, исто така, од Владата информираат дека изразил благодарност за досегашната принципиелна поддршка и посветеност од Германија како еден од нашите најблиски сојузници, како во процесот на пристапните преговори, така и преку Берлински процес како катализатор на регионалната соработка, чија цел е ги поврзе земјите од Западен Балкан и Европската Унија и да помогне да градат меѓусебни односи врз основа на европските вредности.
Ковачевски и Шолц разговарале и за конкретните придобивки од Берлинскиот процес преку кој ќе се продолжи и со подигнување на нивото на политичка соработка, што за Северна Македонија и регионот претставува многу значаен елемент на патот кон евроинтеграциите.
Премиерот Ковачевски и канцеларот Шолц разговарале и за најважните аспекти на билатералната соработка на Германија и Северна Македонија.
„Германија останува еден од најпосветените партнери и држава која дава огромна поддршка на земјите од Западен Балкан за интеграција во ЕУ“,
се додава во соопштението од Владата.
Освен со Шолц, Ковачевски вчера имаше средба и со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји со кого разговарал за важноста на европските интеграции, статусот на скрининг процесот.
На средбата со Вархеји, како што информираа од Владата, била потврдена цврста поддршка на ЕУ за проширувањето со земји од Западен Балкан и било истакнато дека Северна Македонија, како партнер од доверба и земја која последните шест години направи огромен исчекор во возобновување и развој на демократијата и демократските процеси, треба што поскоро да е дел од Европската Унија.