Македонскиот премиер, како што информираат од Владата, ја оценил постапката на Русија како директен напад врз територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и како флагрантно кршење на меѓународното право
Северна Македонија ја осудува одлуката на Руската федерација за признавање на украинските региони Донецк и Луганск како самонаречени „народни републики”, посочил премиерот Димитар Ковачевски, во денешниот телефонски разговор со украинскиот премиер Денис Шмигаљ, кому му изразил поддршка од земјава за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
Ковачевски, како што информираат од Владата, ја оценил постапката на Русија како директен напад врз територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и како флагрантно кршење на меѓународното право.
Ковачевски му пренесе на Шмигаљ дека Северна Македонија го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признатите граници и дека, како и другите НАТО сојузници, се приклучува кон повикот до Москва за решавање на конфликтот преку мирен и дипломатски пат.
Ковачевски, за време на разговорот, потврди дека Северна Македонија е усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и НАТО во однос на санкциите кон Руската Федерација, како одговор на нејзините непринципиелни постапки.