Има една поопасна работа, а тоа е дека поддршката за клубовите не само што доаѓа од дел од бугарските политичари туку доаѓа и од македонската опозиција бидејќи претседателот на македонската опозиција јасно кажа дека тој е континуитет на Ванчо Михајлов, изјави денеска премиерот
Од поддршката на бугарските политичари за отворање клубови со имиња на личности поврзани со третиот рајх, уште поопасна е поддршката од македонската опозиција, смета премиерот велејќи дека Мицкоски јасно кажал дека се смета за континуитет на Ванчо Михајлов
Премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција во Владата со државната секретарка за Европа на Франција, Лоранс Бун, ја обвини опозицијата дека дала поддршка за отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола.
„Кога се отвораа клубови што носат имиња на личности поврзани со третиот рајх, тоа го осудив и сметам дека отворањето клубови што носат такви имиња воопшто не придонесуваат за градење на добрососедски односи помеѓу граѓаните, а прес се помеѓу граѓаните на двете држави. Секогаш е подобро да се користат имиња кои поврзувале и ако се работи за културни центри многу посоодветно е ако се земат културни работници, писатели итн. Тука има уште една поопасна работа, а тоа е дека поддршката за клубовите не само што доаѓа од дел од бугарските политичари, туку доаѓа и од македонската опозиција бидејќи претседателот на македонската опозиција јасно кажа дека тој е континуитет на Ванчо Михајлов кој е докажан соработник на третиот рајх и лидерите на третиот рајх. Сметам дека дури и отворањето сигурно имало некаква поддршка во рамки на македонската опозиција и се она што се случуваше после тоа“,
рече Ковачевски.
Премиерот со изјавата алудираше на изнесените ставови на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 ТВ кога кажа дека партијата не чувствува потреба да се огради од Ванчо Михајлов. Тој рече дека тоа не значи дека се сложува со тоа што во одреден период го правеле претходниците кои раководеле со организацијата, но дека тоа е еден континуитет што партијата го има преземено и тоа мора да се почитува.
На прашање, пак, зошто ВМРО-ДПМНЕ бара да се затвори бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, а не и „Ванчо Михајлов“, тој тогаш рече дека има разлика помеѓу двајцата. Михајлов, посочи Мицкоски, бил предводник на организација во еден историски период, а цар Борис бил предводник на една држава која соработувала со нацистите во Втората светска војна и наредила да бидат испратени повеќе од 7 200 македонски граѓани со еврејско потекло во концентрациониот логор Треблинка.
Денеска, пак, во интервју за „Република“, тој посочи дека правењето паралела со Ванчо Михајлов било намера на СДСМ со цел да се вулгаризира тоа што тој го зборувал на Канал 5 ТВ.
„Јас го кажав ова: На кичевскиот конгрес во 1995 година донесена е одлука со која се признава континуитетот на историското ВМРО и современата ВМРО-ДПМНЕ со првиот конгрес во 1991 година во Прилеп. Започнувајќи од првиот конгрес во Ресен сè до осмиот во 1932 г. во Горна Џумаја, па почнувајќи со првиот во Прилеп или деветтиот во континуитет, завршувајќи со седумнаесеттиот во Скопје. И да, дел од овие конгреси и претседател на ВМРО во историска смисла на зборот Иван Михајлов. И да тој бил во егзил во Загреб каде што живеел и соработувал со тогашната НДХ која била фашистички односно нацистички сојузник. Јас не се согласувам со тоа како тој ја управувал таа партија или организација во тоа време, како се однесувал и со кого соработувал. Како што можеби за некој по неколку децении нема да се согласува со тоа како јас или некои од моите претходници ја воделе ВМРО-ДПМНЕ во историска смисла. Но ова е континуитет на една организација којашто во современото време станува политичка партија“,
објаснува Мицкоски.