Сега е време за обединување, за заедништво, за верба во подобро утре, но пред сѐ за посветена работа за да развиеме силна, успешна и просперитетна европска држава
Илинденците со оружје во рака се бореле, за ние денес да можеме да водиме други поинакви битки за развој и просперитет на сите граѓани подееднакво, рече премиерот Димитар Ковачевски по повод националниот празник 2 Август – Денот на Републиката и Илинден, кој годинава се одбележува под слоганот „Нашата сила за иднината“. Пред присутните делегации и граѓани на Мечкин Камен во Крушево, тој порача дека не постои поголем патриотизам од носењето државнички одлуки.
„Денес нашиот поглед е свртен кон иднината исто како и погледот на илинденците во 1903, во 1944 и во 1991 година. Сега е време за обединување, за заедништво, за верба во подобро утре, но пред сѐ за посветена работа за да развиеме силна, успешна и просперитетна европска држава“,
порача Ковачевски.
Тој додаде дека генерациите на денешнината ќе ја имаат можноста да го посведочат денот кога со полноправно членство македонскиот јазик ќе е еден од службените јазици на ЕУ, еднаков со сите останати 24 официјални јазици на ЕУ.
„Сонот македонскиот јазик да се чуе надалеку, да го запознаат, чујат и доживеат земји и култури кои што никогаш досега немале допир со него ќе стане стварност. Нашата генерација ќе има можност се што е автентично за нас и за нашиот јазик, култура, обичаи и тдаоција да го втемели во основите на големото европски семејство, правејќи го побогато и поразновидно, обединето во различностите“,
рече премиерот.
За Ковачевски денес Република Северна Македонија е пример како се градат добрососедски односи.
„Република Северна Македонија е предводник во иницијативата Отворен Балкан, која што носи бенефит на економски план, но и ја зајакнува соработката помеѓу соседите. Се интегриравме и во НАТО како почитувана земја членка, а вратите за нас ги отвори и Европската Унија, прифаќајќи ја нашата посебност како Македонци, кои говорат македнски јазик и како мултикултурна држава која што може да придонесе во развојот на интегративниот концепт на европската идеја. Денес, во нашата земја се твори на македонски јазик, по примерот на големите Конески, Јаневски, Андреевски, Мисиркова-Руменова, Крле, Шопов, Николова,Урошевиќ, Стефановски. Продолжувајќи го делото и на Мисирков, Миладиновци, Цепенков, Прличев, кои не задолжија да го чуваме, негуваме и развиваме нашиот македонски јазик. Но, денес, во нашата држава, се признаени и се негуваат јазиците на сите други народи кои живеат овде, албанскиот, турскиот, влашкиот, српскиот, ромскиот, босанскиот јазик, со што покажуваме меѓусебна почит и разбирање и со што поставивме цврста основа за меѓусебна доверба. Заедништвото низ кое илинденците и асномците ги добиле нивните битки е заштитен знак и на современата заедничка држава која ние ја градиме и низ кое заедништво ги надминуваме предизвиците на нашето време, добивајќи ги на тој начин нашите битки“,
рече Ковачевски.
Тој нагласи дека илинденците од АСНОМ јасно порачаа каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме.
„Ние денес инспирирани од визионерите илинденци и асномци градиме современа, прогресивна, економски развиена република Северна Македонија. Градиме земја на пријателства и соживот. Тоа е она по кое Светот нас не препознава. Со таа мисла и во тој дух, денес гордо стоиме рамо до рамо со нашите пријатели, сојузници и партнери во НАТО и во Европската Унија, делиме исти вредности, а ќе делиме и европска иднина со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ и неговите јазични, идентитетски, историски и културни особености и европска иднина во која што има место за сите“,
нагласи премиерот.
За Ковачевски, Илинден е нашата сила и за современа, модерна, економски развиена, европска Република Северна Македонија.
„Водени од заедничката борба во која животи се положувале, за сестрите и браќата од сите народи на ова парче земја, се обединивме од сите етнички заедници и вери во едно и еднакво општество за сите, без исклучок рамноправни пред законите, без разлика на народност, пол, раса, вероисповед. Илинден е нашата сила да продолжиме на градиме заедничка држава на сите граѓани, без предрасуда кон било кого и држава интегрирана во Европа и рамо до рамо со демократиите во светот. И од ова назад нема, има само напред“,
порача Ковачевски.