Премиерот не даде конкретен одговор на прашањето дали e нешто предвидено во случај ВМРО-ДПМНЕ да одбие учество во техничката влада, односно не делегира свои претставници. Само посочи дека тоа е законска обврска за партиите

Премиерот Димитар Ковачевски не смета дека се крши Законот за Влада со тоа што Талат Џафери е предлог за технички премиер, а не човек од неговата партија.
„Прво, не се крши Законот затоа што и оваа и претходната влада се коалициски влади и ако го погледнете мандатот што го доделува претседателот на државата, тој ѝ го доделува на коалиција. Таа која има најмалку 61 пратеник во Собранието, така се доделува мандатот. Така што со тоа ништо не се крши“,
рече Ковачевски во изјава за медиумите – по обраќањето на конференцијата „Транспарентност и отчетност: Совршен пар за враќање на довербата во јавните институции“, организирана од Институтот за комуникациски студии (ИКС).
Тој не даде конкретен одговор на прашањето дали има нешто предвидено во случај ВМРО-ДПМНЕ да одбие учество во техничката влада, односно не делегира свои претставници. Само посочи дека тоа е законска обврска за партиите.
„Како што е за мене законска обврска да поднесам оставка 100 дена пред избори, со што целата влада е практично во оставка, обврска на сите политички партии е да учествуваат во влада која треба на техничко ниво да ги спроведе изборите. Со тоа ќе имаме демократски процес на кој нема да има ниту една дамка. Сметам дека сите партии согласно законот треба да ги делегираат своите претставници во техничката влада која ќе работи сто дена. Сè што е предвидено е предвидено во законот. Во законот нема импровизација“,
кажа Ковачевски.